По усвојувањето на законот што ѝ дава на полицијата овластување да пребарува и следи домови во таканаречените „високоризични“ области, владата на Словенија е обвинета дека ги претворила ромските населби во „безбедносни зони“, пренесува „Гардијан“. На полноќ во понеделник, словенечкиот парламент го поддржа „Шутаровиот закон“, именуван по Алеш Шутар, кој беше убиен во конфронтација со 21-годишен Ром, откако набрзина отишол во ноќен клуб поради повик за помош од неговиот син. Тој инцидент пред клубот „ЛокалПатриот“ во Ново Место, на југот на Словенија, минатиот месец доведе до масовни протести, распоредување на полиција во ромските населби и оставка на двајца министри, потсетува британскиот весник.
Според новиот закон, полицијата, без судска наредба, ќе може да влегува во приватен имот или во превозно средство во „зона со безбедносен ризик“ ако е „неизбежно неопходно веднаш да се конфискува огнено оружје за заштита на луѓето“. „Зоните со безбедносен ризик“ географски ги одредува генералниот директор на полицијата или директорот на полициската управа, врз основа на безбедносна проценка. Критичарите предупредуваат дека „законот ѝ дава на полицијата широки овластувања без налог и укажуваат на дискриминација, додека ЕК повикува на усогласување со европското право.
Премиерот Роберт Голоб од партијата Слобода вети нови безбедносни мерки, за кои рече дека „не се насочени против ниту една етничка група, туку против самиот криминал“. Сепак, критичарите оценија дека промените се дискриминаторски и „го третираат целото малцинство како безбедносна закана“.
-Апелираме до Словенија да се погрижи спроведувањето на таканаречениот „Шутаров закон“ да не влијае непропорционално на ниту една заедница. Исто така, не смее да се создава ранливост на заедниците кои веќе се изложени на ризик. Секако, важно е да се реши прашањето на безбедноста и да се зачува јавниот ред, но мерките мора целосно да бидат во согласност со правото на Европската унија и основните права, изјави портпаролката на Европската комисија, Ева Хрнчирова, како што објави Словенечката новинска агенција (СТА).
Комисијата објави дека дополнително ќе го проучи законот откако ќе го потпише претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, и кога официјално ќе стапи на сила, што се очекува во 2026 година.
Меѓународната невладина организација „Амнести Интернешнл“ побара гласање против тој закон, осудувајќи ја неговата „злонамерна реторика“. Неколку професори од Правниот факултет на Универзитетот во Љубљана во соопштение предупредија дека делови од законот се неуставни, а Менсур Халити, потпретседател на Ромската фондација за Европа, рече дека законот е дискриминаторски. Тој посочи дека овој закон претвора цели населби во безбедносни зони, а нивните жители во безбедносни категории.
Според податоците на Ромскиот совет на Словенија, во таа земја од два милиони жители има 15.000 Роми, многумина сместени во околу 100 кампови, од кои само една третина имаат пристап до основните услуги.












