Недостигот на превенција ги поврза пожарите во Букурешт и во Кочани, а разликите во евакуацијата, здравствениот одговор и институционалната солидарност ги отворија клучните лекции за тоа како (не) се спасуваат животи, се заклучоците од јавната дебата на која романските спасувачи го споделија искуството од трагедијата во 2015 година
„Пулс“ во Кочани и „Колектив“ во Букурешт, две собиралишта на млади луѓе чија забава се претвори во кошмар: романскиот клуб во 2015, десет години подоцна истото сценарио се преслика во земјава. Заедничко за двете несреќи е недостигот на превенција, разликата е во одговорот за евакуација и помош на повредените. Ова можеше да се заклучи од јавната дебата „Букурешт – Кочани: Научени лекции и пат до заздравување“, која се одржа во ЕУ-инфоцентарот.
Во својата презентација, државниот секретар во полицијата во Букурешт, Раед Арафат, покажа вистински снимки од моментот на запалување на клубот „Колектив“ и брзината со која се ширел пожарот. Протехниката била поставена на метален столб на кој биле прикачени и рефлекторите, се активирала на крајот од песната на музичката грпа чиј настап бил енергичен и ја „кренал“ публиката. Пожарот се ширел молскавично, горела звучната пена и паѓала врз главите на младите луѓе.
И таму, како во кочанската дискотека „Пулс“, иако капацитетот на локалот, со дозвола за кафуле, бил за 80 лица, на денот на несреќата било преполно, имало 400 гости. Единствената врата на импровизираниот контејнер наречен „Колектив“ се отворала однатре, што го отежнало спасувањето, имало излезна врата, но била затворена со синџири.
Друга сличност што можеше да се воочи од раскажувањето на романскиот полициски функционер е претходната намена на објектот, на местото на „Колектив“ во минатото имало фабрика, чија главна врата, со пренамена, била затворена, па пожарникарските возила морале да направат цел круг за да дојдат до местото и загубиле две минути за интервенција. Пожарот бил изгаснат за две минути, а однатре почнале да се евакуираат децата со тешки изгореници. И таму стапедото што се создало пред вратата го зело данокот во смрт.
– Направивме полукруг од амбулантни возила за поефикасен транспорт до болницата – раскажа Арафат, кој ја предводел акцијата за спасување.
Бројот на мртви на крајот бил за еден повеќе од кочанскиот смртен биланс, во пожарот во романскиот „Колектив“ животот го загубиле 64 лица. Лекарите дејствувале во главната болница во Букурешт, од каде што, подоцна, дел од повредените биле распределени во другите болници. Вкупно 152 лица со изгореници и задушување, 88 од нив веднаш биле интубирани.
– Добро постапивме, преместивме опрема за интубација онаму каде што требаше – вели Арафат.
Романските здравствени власти имале голем притисок од семејствата: нивните повредени деца да се носат на лекување во странство. Некои дури и сами потпишале дека го прифаќаат ризикот да биде транспортиран пациентот.
– Еден пациент почина при самото полетување на авионот – вели Арафат, кој неколкупати во текот на раскажувањето нагласи дека спасувачката акција и истрагата биле бомбардирани од лажни вести и пропаганда од страна на невладини организации.
Рече дека промената на власта во Романија се должи на политизирање на несреќата. Кај нас, кочанската трагедија се случи непосредно по доаѓањето на новата власт, а за последиците што доведоа до пожарот со смртни последици, кривично оговараат министри, службеници, инспектори што биле надлежни во периодот од десет години откако работела дискотеката.
Романците се на прагот да донесат закон со кој целосно ќе ја забранат приротехниката, а казните за повеќе гости од капацитетот на угостителскиот објект се и до 20.000 евра. Романците истакнаа дека најважна во вакви случаи е солидарноста на државите и особено го истакнаа значењето на европскиот механизам за цивилна заштита. (П. А.)












