„Романсата сѐ уште не е мртва“ беше наслов на концертот што вчеравечер во рамки на Британската вечер на 65. издание на „Охридско лето“ го одржаа британскиот виолинист Џек Либек и пијанистката Катја Апекишева во црквата „Света Софија“.
Романтичната вечер која од почетокот ѝ ветуваше на публиката неповторливо музичко доживување што долго ќе се памети, започна со Соната за виолина и пијано од Франц Шуберт, а продолжи со дела од Шопен, Изаи, Менделсон и Крајслер.
Британската вечер ја отвори амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија, Метју Лосон, кој истакна дека преку вакви настани се продлабочува пријателството меѓу двете земји, се зајакнува меѓусебното разбирање и се слави креативноста што ги поврзува двата народи.
– Вистинско задоволство е да се биде домаќин на Британска вечер на годинешниот фестивал „Охридско лето“, еден од најценетите културни настани во регионот и ми е драго што заедно со Британскиот совет повторно го поддржуваме овој важен фестивал, кој ги зближува луѓето преку музика, уметност и заедничко културно наследство. Горди сме што ви претставуваме еден многу посебен гостин, меѓународно познатиот британски виолинист Џек Либек. Џек настапувал на некои од најголемите светски сцени, од Лондон до Њујорк, и ни е чест што го имаме тука во Охрид. Неговата уметност, неговата страст и неговата способност да се поврзе со публиката навистина го претставуваат најдоброто од нашата култура, рече амбасадорот Метју Лосон.
Честитајќи го 65-годишниот јубилеј на фестивалот „Охридско лето“, директорката на Британскиот совет во Македонија, Клер Сирс, нагласи дека е вистинска привилегија да се биде во Охрид и да се поддржи овој, како што кажа, прекрасен фестивал.
– За Британскиот совет, културата е во срцето на сè што правиме, цврсто веруваме сега, како што верувавме и кога бевме основани пред 90 години, дека споделувањето на културата, јазикот и образовните врски се најважните начини за зближување на луѓето и за нивно понатамошно разбирање. Дека чинот на споделување, на слушање и истражување идеи поврзува и обединува. Културата останува важен столб на односите меѓу Обединетото кралство и РС Македонија и сме посветени на тоа да ја унапредиме и продлабочиме, и со задоволство можеме да го споделиме со вас вечерва овој настап со еден од водечките британски виолинисти на неговата генерација, Џек Либек, во придружба на повеќекратно наградуваната пијанистка Катја Апекишева, рече Сирс.
Дипломатските вечери на најпрестижната културна манифестација во земјава, фестивалот „Охридско лето“, и годинава ја потврдуваат успешната културна соработка на земјава со амбасадите. Пред Британската вечер се одржаа Кинеска вечер, Холандска, Грчка, Италијанска, Литванска, Австриска, Чешка, како и Вечер на ЕУ. До крајот на 65. фестивалско издание ќе се организираат и Шпанска, Унгарска и Полска вечер.