Романија бара да и се вратат 90 тони злато што ѝ ги дала на Русија на чување пред 100 години

1547

Советникот на гувернерот на Националната банка на Романија, Кристијан Паунеску, го покрена прашањето за враќање на романското злато, кое беше предадено на Русија на чување пред речиси 100 години, додавајќи дека тоа е морална обврска на Романците, објавија денес медиумите во таа земја.

Вредноста на 90 тони злато денес е 8 милијарди евра, објавува веб-страницата Digi24.ro. Се наведува дека биле испробани сите средства за преговори, но поранешниот Советски Сојуз, а подоцна и Русија, го игнорирале овој долг.

Во 1916 година, неколку месеци по влегувањето во Првата светска војна на страната на сојузниците, Русија, Франција и Велика Британија, Романија била на работ на колапс.

Германските трупи, со помош на Австро-Унгарија, Отоманската империја и Бугарија, го окупирале Букурешт, а романската влада, кралското семејство и другите државни институции се повлекле на исток кон градот Јаш.

Претставниците на Романија одлучиле дека националните богатства мора да се испратат во странство, па затоа потпишале договор со царска Русија за префрлање на 91,5 тони злато од националните резерви, како и културни артефакти и кралски накит, за да се чуваат во Русија.

Златото, сепак, никогаш не било вратено и останало во руските ризници во текот на комунистичката ера и Студената војна.

„За нас, прашањето за враќање на златото е морална должност кон нашите предци и идните генерации. Ние не го заборавивме тоа и не се откажавме од борбата да го вратиме“, рече Паунеску.

Тој додаде дека со текот на годините, Русите измислувале разни изговори или објаснувања, но ниту едно од овие тврдења, рече тој, немало никаква фактичка или правна основа.

Во 2003 година, Русија и Романија потпишаа договор што доведе до формирање комисија за истражување на прашањето.

Паунеску објасни дека руските експерти ја потврдиле автентичноста на вековниот договор за префрлање на романско злато за безбедно чување, но рекоа дека треба да проверат слични оригинали од руска страна.

Во меѓувреме, Русија ја нападна Украина во 2022 година, па преговорите со Русија сега се повторно во мирување.

Сепак, некои Романци продолжуваат да инсистираат на ова прашање, а конзервативниот член на Европскиот парламент, Еуген Томац, минатата година поднесе барање до ЕП барајќи од Русија да го врати златото.

Барањето беше усвоено со поддршка од сите партии, објавува Digi24.

Сепак, засега не е сосема јасно како да се продолжи по ова прашање, а една од споменатите опции е користењето на замрзнатите руски средства во Европа по војната во Украина.

Досега, владите на земјите ги користеа само приходите од камати на овие средства за да му помогнат на Киев.

Паунеску посочи дека користењето на овие средства на некој начин би можело да биде опција за враќање на романското богатство.

Европратеникот Томац рече дека, иако ова останува можност, Романија мора да биде подготвена да го продолжи дијалогот со Русија за враќање на златото.

Романското Министерство за надворешни работи објави дека Романија се стреми да го реши прашањето за златните резерви што се чуваат во Москва преку постојните механизми, што вклучува продолжување на работата на комисијата што се занимава со ова прашање од 2003 година.

Романската страна има намера да ги продолжи состаноците на комисијата, која не ја завршила својата работа, кога ќе дозволи политичката ситуација, пренесува српска Политика.

ИЗДВОЕНИ