Искрен како секогаш! Контроверзниот ексјугословенски рок-музичар, човекот со две презимиња, Милиќ Вукашиновиќ, и некогашниот фронтмен на сараевскиот рок-состав „Ватрени пољубац“, автор на големиот фолк-хит „Вољела сам очи зелене“ (испеано од Босанката Ханка Палдум), деновиве крена медиумски прав откако за сараевчанецот Горан Бреговиќ кажа дека е најголемиот циција на естрадата.
– Бреговиќ попрво ќе си ги извади бубрезите на живо отколку да те чести кафе. Затоа, информацијата дека од него ќе добијам 250 илјади евра доколку прифатам да бидам нов пејач во обновеното ново „Бијело дугме“ е голема лага. Тоа е невозможно, разбирате? Бреговиќ е човек за кој се вели дека е незаситен парољубец. Доколку забележи дека материјалното богатство му се намалува, настанува општа мобилизација. Се прават планови и стратегии, како да се заработи ново брдо пари. Сфаќате! Така што задникот не го „давам“ за да бидам пејач кај Бреговиќ, јасно зборуваше Вукашиновиќ.
Инаку, рокерот ги потсети новинарите и на својата лоша здравствена состојба, откако му беше ампутирана ногата.
– Ногата слуша, а протезата не слуша. Се здебелив од седењето, па сега морам да нарачувам нова, ама подвижна протеза. Оваа беше статична. Треба да добијам протеза со свиткувачки колена, а потоа ќе почнам да се движам. Сè уште имам фантомски болки откако ми е отсечена ногата. Иако болката сега е послаба, сепак го имам истото чувство како кога имав вистинско стапало. (Д. М.)












