Родриго Паз е новиот претседател на Боливија, кој победи во вториот круг од претседателските избори со освоени 54,6 % од гласовите, по пребројани 97,8 % од гласачките ливчиња.
По победата, тој изјави дека Боливија „постепено си го враќа своето место на меѓународната сцена“ и повика на отворање кон светот. Со неговиот избор, завршува речиси дведецениската социјалистичка власт, предводена од движењето МАС на поранешниот претседател Ево Моралес.
Родриго Паз Переира, 58-годишен кандидат од Христијанско-демократската партија, е син на поранешниот претседател Хајме Паз Замора. Роден е во прогонство во Шпанија, се образовал во језуитски училишта, а дипломирал во САД. Во изборната кампања во Боливија, тој вети дека ќе ги задржи социјалните програми за сиромашните, но и дека истовремено ќе поттикнува приватни инвестиции и ќе затвора државни компании што работат со загуба.
Изненадување во кампањата беше изборот на Едмандо Лара за потпретседател. Тој е поранешен полицаец без политичко искуство, кој стана вирален на „Тик-ток“ по разоткривањето корупција во полицијата.