Обдукцискиот наод за утврдување на причината за смртта на нашите деца е нецелосен и постои основ за дополнително независно вештачење со цел да се утврди вистината во интерес на правдата и достоинството на починатите, родителите на жртвите од страотниот пожар во дискотеката на смртта се сомневаат дека цијанид што се ослободил при согорување на токсичните материјали вградени во таванот, е вистинската причина за брзата смрт.
Овие сомнежи дополнително ги обвиваат семејствата со недоверба во инстутуциите и истрагата за трагедијата . Таткото на загинато девојче во „Пулс“ и претседател на Здружението „16 Март 2025 Кочани“, Александар Наунов, вели дека истражните органи не ја потврдиле веројатноста за присуство на цијанид во телата на загинатите. Според анализите на барање на Обвинителството, смртта на жртвите настапила како последица на труење со јаглероден моноксид. Ова, како што рече Наунов, го отвора прашањето за вистинските причини за смрта на нивните најмили.
„Цијанид можен, анализи нема. Сериозен јаз меѓу институционалните тврдења и обдукциската документација отвора прашање за вистинската причина за смртта на нашите најмили. Иако во одговорот во Основното јавно обвинителство се наведува дека вештачењата на Институтот за хемија и анализите на МВР-ОФИ (Одделение за форензички испитувања н.з.) ја потврдиле веројатноста дека испуштање на цијанидни гасови како последица на согорување на материјалите во клубот, е клучното прашање кое останува неодговорено. Дали при обдукциите е направена конкретна токсиколошка анализа за цијанид и други отровни гасови во телата на нашите починати деца. Во обдукциските наоди како причина за смрт е наведено задушување од јаглерод моноксид меѓутоа во самиот обдукциски наод јасно се наведува дека од телата се земени и крв и урина за одредување на јаглерод моноксид, како и за токсиколошката анализа при што изрично стои дека останатите токсиколошки анализи ќе бидат дополнително доставени на семејствата“, прашува родителот.
Дали ќе има дополнителни анализи од Обвинителството за весникот Вечер велат дека не постои причина за дополнителна обдукција или ексхумација на починатите, а ваквиот став го поткрепуваат со неколку околности. Имено, со обдукцијата било утврдено дека причина за смртта е комбинација од јаглерод моноксид и други отровни гасови.
„Вештачењата на Институтот за хемија и анализата на МВР-ОФИ врз примероци од сите материјали вградени во клубот и начинот на нивно согорување ја потврдија веројатноста за испуштање на цијанидни гасови како последица на пожарот. Дополнително, обвинителството бараше од Институтот за судска медицина да се произнесе и околу фактот дали со дополнителна кислородна или друга терапија би биле спасени дел од жртвите. Притоа е добиен дециден одговор дека: „Употребата на таква терапија немало да влијае врз спасување на нивните животи, бидејќи кај нив вдишувањето на јаглероден моноксид не е единствениот фактор кој влијаел во настапување на смртниот исход. Во конкретниот случај кај починатите се констатирани, покрај присуство на карбоксихемоглобин, цијаниди и термички оштетувања на лигавицата од дишните патишта“, дополнително се произнеле од Институтот за судска медицина, што е дел од доказниот материјал, велат за ВЕЧЕР од ОЈО и најавуваат дека во доказната постапка вештак од Судска медицина во судницата ќе ги каже и објасни овие околности во кои се сомневаат семејствата на жртвите.
Наспроти ОЈО , од Здружението „16 март“ тврдат дека не постои јавен достапен доказ дека смртоносните гасови биле анализирани во телата на жртвите што претставува сериозен медицински и правен јаз и судир меѓу институционални наоди.
„Имаме три неспорни факти од Институтот за хемија МВР-ОФИ што потврдуваат ослободување на цијанидни гасови. Обдукцискиот наод наведува исклучиво присуство на јаглероден моноксид како причина. Обдукцискиот наод признава дека други токсиколошки анализи допрва треба да се достават. Се додека не се објават и документираат резултатите од сите дополнителни токсиколошки анализи не може со сигурност да се тврди дека причината за смрт е целосно и точно утврдена“, вели претседателот на здружението Наунов.
Од обвинителството велат дека вградените материјали во „Пулс“ кои при согорување продуцирале отровни гасови, согласно доказите обезбедени од јавното обвинителство, постоеле во клубот од неговото отворање, од 2012 година до денот на настанување на пожарот и тоа го детерминирал временскиот опсег на обвинението.
„Јавните обвинители и при одредување на правната квалификација и опсегот на обвинението ги имаа предвид сите овие аспекти и затоа меѓу обвинетите се сите оние лица кои имале обврска во текот на целиот временски период на функционирање на клубот да проверат и да спречат вградување на материјали кои не ги задоволуваат стандардите за безбедност од аспект на емисија на штетни гасови при пожар“, велат од Обвинителството
Обдукцискиот извештај е дел од доказната постапка на судскиот процес за пожарот во „Пулс“, кој продолжи со воведните зборови на обвинетиот сопственик на обезбедувањето „Рубикон“, Александар Нацев. Кажа дека е жртва на медиумски линч и целиот период бил тагет на разни политизирани клевети и навреди. Во постапката ќе доставеле докази дека кај него нема вина или казуална поврзаност со трагичниот настан.
-Денес овде сме исправени пред брутално силување на законот за приватно обезбедување со цел да послужи како поткрепа на теоријата на случај кој ја презентира ОЈО, пренасочувањето на одговорноста кој ја имаат државните органи за превенција, надзор и контрола кон приоадниците на обезбедување, е само уште еден чекор за префрлање на вината и малициозно толкување на одредбите од законот за обезбдеување, законот за полиција и законот за екползивни материи. Морам да констарирам дека дури и еден Орвел би можел да позавиди на ваквата конструкција, кажа Нацев.
Судењето влезе во фаза на испрашување на сведоци на предлог на Обвинителството.












