Здружението „16-ти март“, кое е формирано од дел од родителите и семејствата на загинатите деца во пожарот во „Пулс“ во Кочани, на својата група на Фејсбук, упати емотивна порака по смртта на пејачот Владимир Блажев – Панчо, деветтиот член на групата ДНК кој го загуби животот по трагедијата.

„Изразуваме најдлабоко сочувство до семејството на Владимир Блажев – Панчо. Бог да ви даде сила. Со длабока тага и солзи во очите ја примивме веста за загубата на уште еден млад живот – талентиран пејач, полн со енергија и музика што допираше до срцата. Замина прерано, оставајќи празнина која не може да се пополни“, стои во пораката.

Од здружението потсетуваат дека Панчо е 63-та жртва на пожарот во „Пулс“, трагедија која остави длабоки последици и траума кај семејствата на настраданите.

„Како родители што ја почувствувавме најголемата болка – губење на дете – ја знаеме бездната на оваа тага. Вашата болка е наша болка, вашата загуба е наша загуба. Ги чувствуваме секоја солза, секој празен момент што го остава оваа трагедија“, напишаа од здружението.

Во објавата тие испратија и порака за правда: „Ова не е број – ова е живот што носеше радост и надеж. Колку уште срца ќе бидат скршени? Колку уште семејства ќе страдаат? Правдата мора да се извојува – за Панчо, за секоја жртва, за секој млад живот што беше одземен. Ние нема да молчиме!“

Здружението завршува со емотивна порака: „Почивај во мир, Панчо. Нека ти е светол патот до Царството Небесно. Пренеси им поздрав на нашите ангели – засекогаш ќе останете во нашите срца“, наведуваат во објавата.

ИЗДВОЕНИ