Родителите имаат право да бараат одговори, а институциите се должни да дадат

208

Министерот за полиција одговори на прашањата од родителите на загинатите деца во пожарот во Кочани во врска со (не)постапувањето на полицајците вечерта на 16 март и за тоа дали се заштитуваат од прогон актуелни началници. Панче Тошковски рече дека семејствата имале право да бараат одговори, а инстиуциите биле должни да најдат одговори.

-Родителите имаат право да бараат одговори, родителите се тие коишто заедно со сите нас патат, жалат и ги боли ова што се случува во Македонија, а нив најмногу. И тие имаат право да бараат одговори, а институциите се должни да најдат одговори. И ќе дадат одговори, изјави министерот и надлежноста ја лоцира кај ОЈОГОКК каде се води истрагата за полицајците.

Од опозициската СДСМ кои од викендов одржуваат прес конференции за Вистината за Кочани, вчера го запрашаа премиерот Христијан Мицкоски зошто ја штити инспекторката за економски криминал во ОВР Кочани Кристина Јованова.

„Како е можно двајца полицајци кои минатата година ја казниле дискотеката поради нарушување на јавен ред и мир пишувајќи казна на неактивната фирма ДПТУ Класик ДМ ДОО на газда Деко да бидат дел од истрагата за Кочани, а главната и одговорна која била должна да провери која фирма сега раководи со деловниот објект да биде поштедена“? прашаа од СДСМ. Од власта ги обвинија за мешање во правосудството. Потсетија на сите несреќи случени во времето кога владееше СДСМ и ги набројаа пропустите на институциите за работењето на „Пулс“ кога ги раководеле нивни луѓе.

„Дискотеката „Пулс“ работела без лиценца со години, а последните пет години инспекцискиот надзор бил минимален. Тоа се времиња кога Министерството за внатрешни работи и Државниот инспекторат биле под нивна контрола“ реагираат од ВМРО ДПМНЕ

На последниот протестен „Марш за ангелите“ во Кочани што се одржа во саботата, родителите на загинатите реагираа што бројот на осомничените кој од 73 се намалил на 46 лица, а повеќето од оние кои треба да одговараат не се повикани на распит, ниту пак се осомничени.

ИЗДВОЕНИ