Традицијата секое лето да се случува незаборавна забава, нов музички ритам и дружење за секое семејство продолжува и годинава, во Кисела Вода, почнувајќи од четврток, сè до недела.
Овој пат под мотото „Сè на свое место“, Општина Кисела Вода со повеќе музички настани и со интересни изведувачи ги почнува „Културно лето 2025“ и одбележувањето на својот 70. роденден.
Случувањата ќе се одржат на три локации: на платото пред салата „Расадник“, во Драчево кај крстот и во паркот „Македонија“.
Она што ќе биде врв на забавата е присуството на легендата на хаус-сцената, добитник на „Греми“ и еден од водечките светски артисти и продуценти, Роџер Санчез, со кого ќе започне четиридневното одбележување. Ексклузивниот настап ќе се одржи в четврток, со почеток во 20:30 часот, во салата „Расадник“ за кој, како што најави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, ќе има организиран превоз и од соседните држави Бугарија и Србија.
Одбележувањето ќе започне в четврток во 11:00 часот, во Домот на културата „Билјана Беличанец“, каде што ќе се одржи свечена седница, во 20:30 часот диџеите Мац, Ампов и Деан Мицкоски ќе приредат забава, а незаборавната ноќ ќе заврши со ексклузивниот настап на диџеј Роџер Санчез.
Наредниот ден, петок, на крстот во Драчево, од 20:30 до 21:00 часот, посетителите ќе може да го проследат настапот на КУД „Китка“, потоа ќе следува забава со македонските музички ѕвезди: Миле Кузмановски, Сузана Спасовска, Огнен Здравковски и Бојана Скендеровски, а шлаг на сето тоа ќе биде настапот на Каролина Гочева, кој ќе започне во 22:30 часот.
Атрактивниот „Некст тајм“, пак, ќе ги забавуваат посетителите в сабота, на платото пред салата „Расадник“, со почеток во 20:30 часот, а по него ќе настапат „Два бона“ и Слаткар.
Недела, пак, е предвиден како семеен ден, кога во 10:30 часот ќе започнат активностите на платото пред салата „Расадник“, а прославата ќе се заокружи со доза смеење, која ќе ја обезбедат стендап комичарите Бојан Велевски и Марјан Ѓорѓиевски, во 20:30 часот, а по нив ќе биде настапот на „Tea & 2EXIT“.
Низ настаните ќе нè водат четворица водители: Миро Кацаров, Сашко Коцев, актерката Драгана Левенска и водителката Верица Донев.
Како што истакна Ѓорѓиевски, станува збор за голем и значаен јубилеј за Општината.
– Се потрудивме секој да си го најде своето место. Секој може да си избере настан што најмногу му одговара. Акцентот, во најголем дел, ќе биде ставен на македонските музичари, со исклучок на настапот на Роџер Санчез. Ова, како пример, треба да го следат и другите општини – наведе Ѓорѓиевски.
Тој ги покани не само жителите на Општина Кисела Вода туку и на другите скопски општини, па и од другите градови, да проследат, како што рече, една од најдобрите забави што ќе ги паметат.
(А. П.) – фото: Петр Стојановски