Родена леринка од Беломорска Македонија, со мал престој во Социјалистичка Република Македонија, на четиригодишна возраст родителите ја носат во Австралија каде ѝ е постојаното место на живеење. За себе вели дека е Македонка по душа и по срце, па затоа во изминативе децении направила сè за да ѝ помогне на македонската иселеничка заедница во демократска Австралија, а на тазе дојдените да се снајдат и да се вклопат во новата, непозната средина.

Таа за себе вели дека е голем борец во чувањето на името, јазикот, идентитетот македонски, кога во тамошните средини се на удар на разни комшиски негации и различни кујни од центри. И Ники и нејзиниот сопруг Борис им ја всадуваат љубовта кон татковината и на нивните потомци за да ги продолжат контактите со Република Македонија. – Нашите деца постојано зборуваат за Македонија. Тие многу ја сакаат нашата држава. Да ни е жива и здрава и да ни биде вечна, со овие зборови Ники Мишевска го заврши разговорот за весникот ВЕЧЕР

Родена леринка од Беломорска Македонија, со мал престој во Социјалистичка Република Македонија, на четиригодишна возраст родителите ја носат во Австралија каде ѝ е постојаното место на живеење. За себе вели дека е Македонка по душа и по срце, затоа во изминативе децении направила сè за да ѝ помогне на македонската иселеничка заедница во демократска Австралија, а на тазе дојдените да се снајдат и да се вклопат во новата, непозната средина, што за многумина воопшто не било лесно.

Станува збор за Ники Мишевска, која со својот сопруг Борис овие летни месеци престојуваше во Македонија. Токму пред нивното враќање назад во Австралија, поразговаравме со неа за нејзиното организирано дејствување на далечниот континент преку културни, образовни и духовни содржини на македонскиот етникум, кој повеќе од еден век е на тие далечни простори, како и за активностите што ги правела и ги прави во битката за зачувувањето и пробивот на вистината за долгата македонска цивилизација и историја, за македонското име, јазик, култура и други вредности и посебности.

Во Австралија имаме активности на кои масовно се приклучува нашиот народ. Одиме на заеднички ручек, на пикник, на планина, на риболов. Особено се собираме на црковните прослави. Црквата е секогаш поткрепа за нашиот народ, да ни подаде рака, да нè поучи, затоа и многу луѓе се собираме на верските празници. И државата е тука секогаш да ни даде поддршка за нашите игроорни групи и за другите активности – вели Мишевска.

Животните приказни на Ники со сопругот Борис им се вкрстуваат во Мелбурн каде што е нивната семејна идила, заедно со потомците Џони и Кристина кои се фамилијарни луѓе. И покрај нејзините обврски како сопруга, мајка, баба и вработена жена, таа многу време посветува во разни кампањи и ангажмани во хуманитарни цели. Таа како Македонка во Австралија била иницијатор или директен учесник во формирањето на одделни секции, одбори, друштва. Исто така, таа е првата жена во управата на црковната општина „Свети Димитрија“ во Мелбурн, како и делегат во епархиското собрание. Вели дека многу им помагала на нашите луѓе кога се соочувале со разни проблеми, а особено на оние што не го владеале англискиот јазик, и на оние на кои не им било лесно приспособувањето во новата непозната средина.

Во тие работи вложив многу труд. Со сопругот и нашите пријатели најпрво формиравме игроорна група „Македонка“ со преку 90 деца, а се одржуваше во црквата „Свети Димитрија“ во Спрингвеил. Со голем успех го претставуваме нашето фолклорно богатство, преубавото македонско фолк-наследство на разни манифестации и фестивали. Потоа отворивме училиште за возрасни да го учат нашиот македонски јазик, бидејќи избрканите од Грција не знаеја да читаат и да пишуваат. И јас бев една од учениците. Со поддршка на државата добивме училиште на македонски јазик во кое секоја сабота учеа нашите деца Џони и Кристина со други деца од игроорната група. Формирав женска група и пензионерска група и тие и ден-денес постојат и се активни – нагласува Мишевска.

Иако била мала кога родителите ја носат во Австралија, таа, како впрочем и секое дете, брзо го научила англискиот јазик и потоа им помагала на родителите и на пријателите во комуникацијата

Јас на четири години бев појдена во Австралија. Паметам дека ја држев мајка ми за рака и преведував кога одевме на лекар. И не само на мајка ми, туку и на други луѓе им помагав што не разбираа англиски. Тогаш сфатив дека на нашиот народ му треба помош, не само кога се оди на лекар туку и за други работи што ги носи животот во Австралија. Многу е тешко да се живее во средината ако не се зборува јазикот на таа средина – нагласува Мишевска.

Хумнитарната волонтерска работа е дел од животот и посветеноста на Мишевска, како и на сопругот Борис. Таа била и познат активист во Националниот одбор за борбата против канцерот во Австралија, најдиректно и максимално ангажирана во македонската заедница. Притоа посетувала низа семејства, поединци и места со разни совети за превентива од опасната болест.

Работев и во одборот против канцер каде што им држев предавања на нашите во групите и организациите како да се заштитат од сончевите зраци, жените постојано да одат на контроли на градите и на гинеколошки прегледи, а мажите за простатата. Исто така, работев во детската болница во Мелбурн и помагав. Направив програма како да спасиш некој додека дојде Брза помош, како и програма за пожарната во Мелбурн за да можат да се приклучат луѓето и да добијат совети како да се спасат животи во домот при евентуален пожар – вели Мишевска.

Оваа активна дама иако во поодминати години, има донесено медицински помагала во Битола, и на хуманитарната организација на жените болни од канцер во Република Македонија, а донела и ехо-апарати за медицинските центри во Битола и во Прилеп. Вели дека не е лесно да бараш помош од други, но не се обесхрабрува и вели дека има во план да направи уште нешто.

Таа за себе вели дека е голем борец да се чува, името, јазикот, идентитетот македонски, кога во тамошните средини се на удар на разни комшиски негации и различни кујни од центри.

Јас секогаш се борам за нашето име Македонија, за македонскиот јазик. Како што кажав претходно, почнав со училиште за возрасни и потоа и за деца.  Да се учи јазикот. Тоа беше успешно. За борбата против рак организирав да се преведуваат брошури на македонски јазик за да има каде луѓето да се информираат. Да, има доста напади од грчката и бугарската заедница во Австралија. Одиме на мирни демонстрации за да покажеме дека сме Македонци и ние имаме право тоа да си го кажеме. Порано се собиравме во Џелон, покрај морето, и правевме пикници и јас бев таа што организирав во тоа време потписи од народот. На поранешниот претседател на Обединетите нации, Бутрос Бутрос Гали, му испратив 32 страници со потписи за да се признае името Македонија – вели нашата горда Македонка Ники Мишевска.

И ден-денес, децата и внуците на Ники и Борис Мишевски кажуваат дека се Македонци.

Нашето внуче има програма на училиште да каже од кај му е потеклото и тоа на својот учител му кажал дека е Македонец, со македонско потекло. Учителот му рекол на внучето дека нема таква држава, а детето низ солзи му рекло дека има држава Македонија. Ќерка ми и зетот отидоа на училиште и разговараа со директорот и со учителот дека има држава Македонија. Внук ми повторил дека баба му и дедо му се дојдени од Македонија, дека јас, бабата, сум родена во Грција и дека не ме признаваат таму, дека името ми е избришано од книгите каде што сум родена. Точно е јас сум родена во Грција, но сум Македонка – вели Мишевска.

За својата активност, мисија и неуморна долгогодишна работа, таа е добитник на повеќе признанија и повелби.

Во текот на многу летни месеци во изминатите децении Ники и Борис Мишевски направиле повеќе посети на нивните родни места во Арменско, Леринско, и на Бучин, Прилепско. Бескрајно уживајќи во убавините на Македонија, секогаш крстосувајќи низ разни места, окружени со богатата македонска природа. Будејќи се со песните на птиците, со далгите на Охридското Езеро и со шумолењето на вишните, костените, оревите, јаболката и маслините.

Сѐ на сѐ, незаборавни роднокрајни дни во динамичниот живот, исполнет со спомени кои одново ги враќаат на изворот на нивните македонски корени. Ники и Борис Мишевски овие години спокојно ги живеат своите пензионерски години во Мелбурн, ама Ники никако не застанува со нејзиното добротворство и со хуманоста. Секогаш беспоштедно помагајќи од срце, насекаде, кога може и колку што може, особено во Република Македонија.

Нашата оаза на мирот и спокојството е родното место на Борис подкрушевското село Бучин крај Црна река. Деновиве ги исполнивме со многу средби, контакти, разговори. Често патувавме во Прилеп , Крушево, Битола, Охрид, Берово, Штип, во егејскиот дел од Македонија, меѓу Македонците во Турција. Во родното село Арменско се видов со моите роднини и пријатели. Се видов и со архимандритот Никодим Царкњаз, со него ја посетивме црквата Света Злата Мегленска. Во селото Бучин, кое е родно место на сопругот, станавме пријатели со многу луѓе. Оваа година ни е трета по ред како редовно доаѓаме во Македонија. Годините што доаѓаат си го носат своето, и со здравје и со Господ напред, да видиме, пак, да дојдеме – се надева Мишевска.

И Ники и Борис им ја всадуваат љубовта кон татковината и на нивните потомци за да ги продолжат контактите со Република Македонија.

Нашите деца постојано зборуваат за Македонија. Ќерката и зетот беа дојдени пред 5-6 години и си поминаа многу убаво. Оваа година синот и ќерката планираа со фамилиите да дојдат во Македонија, но излегоа други работи и не успеаја да дојдат. Сигурна сум дека нашите потомци ќе дојдат, тие многу ја сакаат нашата држава. Да ни е жива и здрава и да ни биде вечна – со овие зборови Ники Мишевска го заврши разговорот за весникот ВЕЧЕР.

Светлана БЛАЖЕВСКА

 

ИЗДВОЕНИ