Роби Вилијамс верува дека го губи видот поради инјекции за слабеење

160

Британскиот пејач Роби Вилијамс изјави дека во последно време има сериозни проблеми со видот, за кои верува дека се поврзани со инјекциите за слабеење што ги користи.

Роби Вилијамс, кој јавно зборуваше за своите борби со тежината и менталното здравје во последните години, за британскиот весник „The Sun“ изјави дека бил меѓу првите корисници на вакви производи и дека развил заматен вид, што го поврзал со употребата на овие лекови.

„Сакам да ги предупредам луѓето да бидат добро информирани. Забележав дека мојот вид не е добар“, рече пејачот, додавајќи дека повеќе не може јасно да ги види некои посетители на концертите, а дека фудбалерите на натпреварите изгледале „како дамки на зелен терен“.

Како што изјавил, морал да ги менува диоптриите поради проблемите со видот. Вилијамс додаде дека слушнал слични симптоми од други корисници на лекот за слабеење.

„Им велам на сите: „Заматено е, нели?“ И тие велат: „О, затоа?““, додаде пејачот.

Според студија од 2024 година, која следела 17.000 пациенти во текот на шест години, корисниците на семаглутид, кој се продава под имиња како Оземпик и Вегови, имале седум пати поголема веројатност да развијат ретка, но сериозна состојба на очите.

Сепак, авторите на студијата рекоа дека не е докажано дека лекот директно ја предизвикува состојбата и дека бројот на засегнати лица е мал.

Вилијамс претходно изјави дека медицински му било советувано да ослабе поради депресија и искривена перцепција за сопствениот изглед. „Ми беше дијагностициран самоомраза тип 2“, рече тој во 2023 година, додавајќи дека прекумерната тежина зема данок врз неговото ментално здравје.

Пејачот откажа концерт во Истанбул во октомври, наведувајќи безбедносни причини.

ИЗДВОЕНИ