Пејачот Роби Вилијамс објави дека бил принуден да го откаже концертот во Истанбул, кој требаше да се одржи во вторник, 7 октомври, „во интерес на јавната безбедност“, објави „Ројтерс“.
Познатиот британски музичар (51) рекол дека негов животен сон бил да настапи во „Атакој Марина“, но дека одлуката за откажување на концертот ја донеле градските власти и не е во негови раце.
„Последното нешто што би сакал да го направам е да ја загрозам безбедноста на моите обожаватели – нивната безбедност е мој приоритет број еден“, напиша Роби на Инстаграм, каде што го следат повеќе од 3,7 милиони луѓе.
Роби намерно го избра Истанбул како последна станица од неговата светска турнеја „Бритпоп“, која започна во мај и вклучуваше градови како Лондон, Амстердам, Берлин, Хелсинки и Атина.
„Сакавме да ја завршиме оваа епска турнеја пред моите турски обожаватели, со оглед на тоа што моето семејство има посебна врска со оваа прекрасна земја“, напиша пејачот.
Тој длабоко жали за сите што планираа да присуствуваат.
„Оваа одлука не беше во наша контрола“, повтори Роби.
И покрај откажувањето на големиот концерт во Турција, Роби сепак планира да одржи интимен концерт во лондонскиот клуб „Дингволс“ во четврток, 9 октомври, каде што премиерно ќе ги изведе песните од претстојниот албум „Бритпоп“, заедно со песните од неговиот деби соло албум „Life Thru A Lens“ од 1997 година.