Претседателот на ракометниот клуб „Алкалоид“, Горан Минов, во пресрет на финалниот натпревар од ЕХФ Европскиот куп меѓу РК „Алкалоид“ и ЕК „АЕК“ ги повика навивачите да ја покажат љубовта кон ракометот со фер и спортско навивање.
Во продолжение интегрално ви ја пренесуваме неговата порака:
Да навиваме со срце, да бодриме со почит и да покажеме дека вистинските навивачи се дел од ферплејот на теренот.
Ви благодариме за сета досегашна поддршка и убавите коментари за првиот одигран натпревар против РК „АЕК“. В недела имаме пред нас уште 60 минути тежок и голем предизвик. Публиката како никогаш досега имаме потреба да нè бодри, да навива за нас, покажувајќи респект и почит кон гостинската екипа, во духот на фер-плејот.
Со нас на трибините в недела ќе биде и нашиот најмлад навивач, кој има само 2 години, а единствената официјална навивачка група на РК „Алкалоид“ „Кафетинки“ е вистински пример за тоа како е да се навива гласно, но од срце и со стил!
Да бидеме пример за спортска култура кон нашиот тим, гостите и претставниците на европската куќа на ракометот, затоа што спортот не е само борба за победа, туку и празник на почитта, заедништвото и витешката игра.
ДА НАВИВАМЕ ФЕР И СО СРЦЕ: НАПРЕД АЛКАЛОИД!!“