Градски автобуси полни со патници горат додека се движат по скопските сообраќајници, на државниот авион кој ги превезува најважните државни функционери му протекува гориво од резервоарите, граѓани кои со месеци и месеци чекаат на ред за важни снимања по старите болници…
Но, истовремено, онаму каде што се носат конечните одлуки за да не се случуваат ваквите загрозувачки ситуации и каде што треба да се договори набавката на нови, сигурни и современи средства, има само кавги и обвинувања дека скапите набавки не се потребни, дека некој сака да живее во луксуз, да профитира од тендерите. Така, ризичните превозни средства не се заменуваат, болниците и натаму се пренатрупани со пациенти, граѓаните страдаат и се постојано изложени на ризик од несреќи. Сè затоа тоа што власта и опозицијата не можат да се договорат околу тоа што да се набави како приоритет и како трошењето големи суми за тоа да помине без меѓусебни обвинувања за криминал, корупција и слично.
Така е веќе со децении, сеедно кој е на власт, а кој е во опозиција. Веднаш штом ќе се спомне идејата за некоја голема набавка, следуваат отпор и обвинувања, по што следуваат откажувања, пролонгирања и нерешавањето на проблемите и сè поголеми опасности од незгоди кои можат да бидат и кобни.
Опасности и во градскиот превоз, болници…
Ситуациите само се повторуваат. Пред неколку недели, на социјалните мрежи се појави снимка од запален автобус во скопската населба Влае. Возачот го отворил капакот на веќе зачадениот мотор, при што, се обидува да го изгасне огнот без противпожарен апарат. Патниците, за среќа, го напуштија возилото. Кон крајот на минатата година, во ноември, во движење по булеварот „Гоце Делчев“, се запали автобус на ЈСП „Скопје“, а минатиот месец и автобус додека се движел со патници на кружниот тек во Сопиште… Деновиве се објавија и резултатите од истражувањето кое покажа дека состојбата со автобусите на ЈСП е алармантно загрижувачка. Претпријатието располага со 341 автобус, но иако 185 се технички исправни, на улиците секојдневно сообраќаат само 157, стари во просек по 13 години. Во 2015 година, граѓаните имале на располагање 316 автобуси дневно, а денес таа бројка е за околу 40 проценти помала… Сега се чека распишувањето на новата набавка на автобуси, а на што сегашната владејачка коалиција во Советот на Град Скопје во претходниот мандат се противеше, се чека и на реализација на проектот за Брз автобуски транспорт, чија идеја и проекти датираат од пред седум-осум години, но околу кој постојано се водеа меѓупартиски кавги, а кој треба да донесе поголема и брзина и сигурност.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, вчера соопшти дека се откажува од набавката на новиот државен авион кој би чинел неколку десетици милиони евра. Постојниот, дваесет и двегодишниот, „лирџет 60“, е речиси дотраен, често се расипува и во изминативе години се дадени околу четири милиони евра само за поправки. Но, под притисок на опозицијата која бара парите да се искористат за зголемување на минимална плата, набавката на нов и посигурен авион се одлага.
– Доколку се урнеме некаде и доколку починеме, тогаш претпоставувам, дека ќе им стане јасно на сите дека оваа дебата за некоја идна влада е одвишок и дека е беспредметна – рече Мицкоски додавајќи дека имал договор со лидерот на опозицијата да не се критикува оваа тема.
Слични, крајно спротивни, ставови меѓу власта и опозицијата имаше и околу изградбата на новиот клинички центар. Сегашната опозиција во улога на власт во 2017 година го запре проектот за изградба на нова зграда во рамките на клиничкиот центар вреден 70 милиони евра. Потоа, во 2022 година, сегашната власт во улога на опозиција, со 2.000 амандмани го запре законот кој се однесуваше на изградбата на целосно нов клинички центар во Ѓорче Петров. А граѓаните и натаму мака мачат со недоправените болници во неколку градови, со недоволните термини за прегледи и со постојан ризик болестите да им станат неизлечиви. Сето ова води кон прашањето како да се дојде до заемна согласност за големите набавки за доброто на граѓаните. Една сограѓанка, коментирајќи ја темата за набавката на нов државен авион на социјалните мрежи, напиша дека треба да се мисли првенствено на граѓаните.
– Безбедноста е врвна вредност. Таа мора да биде универзална, никако селективна. Не постои помалку важен живот. Во овие 35 години, системската негрижа, пропустите и вечното неказнување нè чинеа премногу. Ако инвестираме во безбедноста на државниот врв, тогаш мора со истиот залет да инвестираме и во безбедноста на јавниот превоз, во болниците каде што се лекуваме, во селата каде што секој дожд носи цели домови. Зошто јас, со истата таа „кожа“, треба да се возам во автобуси што личат на колата на инспектор Мамли, молејќи се да стигнам жива до дома? – праша таа.
Граѓаните мора да знаат какви договори се постигнуваат
Политичките аналитичари и комуниколози, за весникот ВЕЧЕР, оценуваат дека за ваквите крупни скапи набавки мора да постои претходен договор, но и целосна јавност околу сите детали.
– Да, секако, апсолутно е потребно сите вакви набавки да се прават со консензус и да бидат нешто за што не смее да има делба и несогласувања. Агенда за нешто што е констатирано дека е потреба која е реална, дека треба да се истера и спроведе до крај и да е дел од неколкугодишно планирање. Ова се однесува и за градски автобуси, пожарникарни возила, амбулантни, возила за полицијата и армијата, па и поголем, нов, владин авион. И тоа е нешто што мора да биде дел од поголем среднорочен и долгорочен план, и секоја година – две да има обнова и надградба – нагласи политичкиот аналитичар, Александар Ристевски, додавајќи дека набавката на новиот авион треба да се оствари бидејќи неговото одржување ќе биде поевтино и ќе биде со повисока безбедност, каква што се бара сега.
Ристевски додава и дека лошите односи во поранешното скопско раководство придонеле да не се набават нови автобуси, но дека сега тоа би требало да се случи.
Во јавноста, сегашната опозиција и во 2012 година обвинуваше дека тогашната Влада непотребно се потрошила 600.000 евра за луксузно возило „мерцедес С-600 гард“ наменето за превоз на највисоки странски делегации. Имаше и најави дека ќе се продава, но возилото и сега се користи за основната намена.
Комуникологот Сеаг Џигал, пак, укажува дека е добро да постојат функционални практики на политички консултации и редовна комуникација помеѓу партиите кога станува збор за важни прашања што директно ги засегаат граѓаните.
–Ваквиот дијалог може да придонесе за поголема стабилност на институциите, предвидливост на политичките процеси и носење одлуки со поширок јавен консензус. Сепак, ваквата комуникација мора секогаш да биде придружена со јасно, навремено и транспарентно информирање на јавноста. Институциите и носителите на власта имаат примарна одговорност кон граѓаните, а не кон партиските чинители и нивните интереси, и затоа граѓаните мора да знаат кои теми се разгледуваат, кои позиции се застапуваат и какви договори се постигнуваат во нивно име – нагласува Џигал.
Според него, станува особено проблематично кога меѓупартиските договори или консултации се одвиваат зад затворени врати, без јавен увид, а потоа резултираат со одлуки што имаат значајни последици врз општеството. (Б. Ѓ.)
Со препукувања и блокади проблемите остануваат нерешени
Комуникологот Сеад Џигал објаснува дека за големите јавни набавки, покрај очигледната потреба од транспарентност е неопходна и институционална ефикасност, односно тие да се спроведуваат според приоритетноста и навремено. – Лошата комуникација помеѓу партиите, блокирање од тесни политички интереси, препукувања преку медиумите, не се во интерес на граѓаните затоа што проблемите остануваат нерешени, а јавниот интерес запоставен. Политичката борба треба да се води со цел да се подобрат перформансите на институциите, преку дијалог и здрава критика. Деструктивноста во политичката комуникација резултира во институционална неефикасност, нерешавање на проблемите, загуба во време и во ресурси, како и сериозно губење доверба не само во партиите, туку и во институциите – нагласи тој.












