Деветнаесет моста во земјава се ризични и потребна е нивна итна санација, покажало испитувањето што го направиле од Градежниот факултет на барање на ЈП за Државни патишта. Испитувањето опфатило вкупно 1.300 мостови, а за 97 е откриено дека треба да се поправат поради нивната дотраеност.
– Испитавме 1.300 мостови во земјава каква е нивната состојба. Од нив 97 се детектирани како мостови кои треба да се поправаат, а од нив 19 се поризични. За овие 19 работиме на технички решенија за санација. Очекувам дека до септември ќе бидат готови решенијата. Проектот е финансиран од Светска банка. Потоа останува да процениме кои се приоритетните за да ги ставиме во програма и побрзо да бидат реконструирани – најави директорот на ЈПДП“, Коце Трајановски.
Деканот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски, вели дека голем дел од мостовите во Македонија навлегуваат во сериозна возраст каде што се јавува потреба од преземање мерки, а во најмала мерка на нивно следење.
– Одржувањето на мостовите е многу важен елемент за трајноста на мостовски конструкции. Најголем дел од 1.300 мостови во земјава се дотраени и им е неопходна реконструкција – истакна Марковски.
Тој потенцира дека градежните стручњаци од факултетот заедно со ЈПДП работат на воведување на нови начини за следење на мостовите. За првпат воведен и 24-часовен мониторинг на мостот кај Башино Село. Воедно и за набавка на најсовремена опрема за да може најпрецизно да ја утврдиме состојбата на мостовите со кои стопанисува државата – истакна Марковски.
Од ЈПДП информираат дека имаат воведено таканаречен БМС систем за управување со мостови (Bridge Menagment System) како составен дел од системот за управување со патишта со кој е извршен попис и преглед на состојбата на патните мостови. При тоа се изготвени детални извештаи и се поставени и гео-лоцирани во базата на податоци за патиштата, и претставени на WEB-GIS апликација.