Министерот за спорт, Борко Ристовски, денеска оствари средба со претседателот на Боречката федерација на Македонија, Дејан Богданов, со тренерите и со младите македонски борачи што ќе настапат на претстојното Европско кадетско првенство во борење (U17), кое ќе се одржи од 9 до 15 јуни во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
Ристовски изрази поддршка за младите македонски борачи и истакна дека организацијата на едно европско првенство од ваков ранг претставува големо признание за македонското борење и за македонскиот спорт.
-Изразувам силна поддршка за нашите млади борачи и за целокупната организација на првенството. Важно е младите спортисти да чувствуваат дека државата стои зад нив, особено кога настапуваат дома, пред домашна публика. Овие млади борачи се гордост на Македонија и верувам дека на претстојно Европско првенство ќе се претстават во најдобро светло – изјави министерот Ристовски.
На Европското првенство ќе настапат 800 натпреварувачи од 40 држави. Македонија ќе ја претставуваат вкупно 18 борачи – по 9 во машка и 9 во женска конкуренција.