Откако премиерот Христијан Мицкоски јавно ја дискфалификува кадидатката за државен јавен обвинител Ленче Ристоска од изборот кој треба допрва да следи во Владата, обвинителката во писмена реакција вели „Кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат, тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат“.
– Уверена сум дека избор од вакво значење мора да биде заснован на квалитет, а не на подобност. Професионалците во системот мора да знаат дека нивниот труд и стручност се единствената валута што треба да одлучува. Во спротивно, ризикуваме да испратиме порака дека без разлика на компетентноста, подобноста е примарна — а тоа не е патот по кој треба да се движи едно демократско општество, пишува Ристоска.
Премиерот во телевизиско интервју рече дека кандидатката Ристоска апсолутно не е во игра за нов државен јавен обвинител. На новинарското прашање дали сите четворица кандидати, вклучително и обвинителката која порано беше дел од згаснатото Специјално јавно обвинителство и сè уште пред судот застапува две обвиненија против ексфункционери на ВМРО-ДПМНЕ и самата партија, се во игра за изборот на нов државен јавен обвинител, Мицкоски рече:
„Апсолутно не се сите во игра. Мојот став поврзан со тоа име е апсолутно дека тоа име не е во игра. Па еве, искатализиравме барем некаков одговор, од четворица, тројца се во игра.“изјави Мицкоски.
Советот на јавни обвинители пред неколку дена на Владата ѝ достави список со позитивно мислење за четворица од петмина пријавени кандидати за функцијата државен јавен обвинител, и тоа за обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и за судијата Ненад Савески. Од трката испадна само поранешниот судија Владимир Панчевски.Владата нема рок во одлучувањето, предлогот ќе оди на гласање во Собранието. (П.А.)












