Ристески: Постои голем интерес кај младите да отворат сопствен бизнис и да останат дома

24

Министерството за економија презема низа активности и спроведува проекти за подобрување на условите за вработување на младите, развивање на нивните вештини и помош за отворање нивни сопствени бизниси, истакна заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, на панел-дискусијата со наслов „Бизнис и млади“, која се одржа во рамките на саемот на бизниси од Пелагонискиот Регион „Пелофорум 2025“ во Битола.

На панел-дискусијата, претставниците на здруженијата на младите, на бизнис-секторот, на државните и на локалните институции дискутираа за поголемо вклучување на младите во стопанските текови во Пелагонискиот Регион, како и за предизвиците со кои се соочуваат младите при влезот на пазарот на трудот.

– Главна мерка на Министерството за економија и труд за подобрување на состојбата на младите лица на пазарот на трудот е, секако, Оперативниот план за вработување, каде што годинава издвоивме рекордни средства во износ од преку 10 милиони евра за поддршка на младите лица до 29 години за отворање сопствен бизнис, со досега највисока поддршка до 10.000 евра за апликант. Годинава, за користење на средствата од оваа мерка, пристигнаа повеќе од 2.250 апликации, одобрени се вкупно 950 гранта, додека конкретно за Пелагонискиот Регион се пристигнати 237 пријави, од кои за 115 е одобрен грант. Ова е силна порака до нас, како Влада, и ни укажува дека постои голем интерес и желба кај младите да отворат сопствен бизнис и да останат дома, како и дека треба да продолжиме да ги спроведуваме и в година – кажа Ристески.

Ристески се надоврза и за другите мерки од Оперативниот план што се во насока на подобрување на вештините на младите за нивна интеграција на пазарот на трудот, како што се мерките за практиканство, мерките за обуки за здобивање дополнителни вештини и доусовршување, со што на младите би им се зголемила конкурентноста на пазарот на трудот, како и обуки за преквалификации и насочување кон струки што се дефицитарни на пазарот на трудот.

На настанот се обратија и: Н.Е. Узлем Џанел, амбасадорка на Кралството на Холандија; Даниела Димовска, директорка на Агенцијата за иновации, научнотехнолошки развој и претприемништво (ИНОВА); Мирко Велковски, претседател на регионална стопанска комора; претставници од повеќе државни институции и општини од регионот, како и претставници од граѓанскиот сектор.

ИЗДВОЕНИ