Повеќе од 3.200 пријави од невработени лица за мерката самовработување имаме досега, информираше заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески. Toj рече дека сака да ги охрабри младите до 29 години, но и сите други невработени лица, да го искористат периодот за аплицирање за една од најпопуларните и најатрактивните мерки, самовработувањето.
– Ги повикувам неготинчани за кои знам дека се креативни, да се охрабрат и да ги приложат своите бизнис идеи. Се надевам дека голем дел од нивните бизнис планови и идеи, ќе бидат реализирани со овој оперативен план – истакна тој.
Заменик директорката на Агенцијата за вработување, Весна Пешова рече дека оперативниот план е клучен документ што го имплементира Агенцијата.
– Документот ја изразува нашата заложба за инклузивен и развоен пазар на труд, за намалување на невработеноста, зголемување на вработеноста и создавање на одржливи работни места – нагласи таа.
Како в.д. директорка на Агенцијата за поддршка на претприемништвото, Даниела Димовска ја појасни постапката, што треба да ја спроведе, секој еден што сака да основа бизнис.
Настанот беше во рамки на активностите за промоцијата на мерките и активностите кои произлегуваат од Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година, а информативниот ден беше реализиран во Неготино.