Автоматизираната линија на метро Ц сега се протега од источните предградија на италијанската престолнина до Порта Метронија и Колосеумот, достигнувајќи го историскиот центар на градот за прв пат, објавува „Ројтерс“.
Ископувањата за новите станици доведоа до значајни наоди кои ја забавија работата, бидејќи археолозите внимателно ги зачуваа слоевите од антички Рим кои претходно беа непознати.
На станицата „Порта Метронија“ беа пронајдени воени касарни кои датираат од пред околу 2.000 години, како и станбена куќа со фрески и мозаици, кои се зачувани во музеј во станицата.
За време на работата во Колосеумот, откриени се 28 антички бунари и стотици предмети од секојдневниот живот, вклучувајќи шноли за коса, фалусни ламби за масло, цевки за наводнување, ножеви и статуи, од кои многу се изложени.
Италијанскиот министер за транспорт, Матео Салвини, изјави дека двете станици ќе „патуваат низ целиот свет“ и ќе го привлечат вниманието на туристите и корисниците на социјалните медиуми.
Иако линијата на метрото Ц првично требаше да ги поврзе главните базилики во Рим до 2000 година, проектот е значително одложен, а трошоците се зголемија од првичните 2,23 милијарди евра на повеќе од 3 милијарди евра, а вкупната цена веројатно ќе надмине 6 милијарди евра, пренесе „Танјуг“.












