Риболовците потпишуваат онлајн петиција, бараат да се намали цената на дозволите

114

Здружението на риболовци „Рибарски приказни“ од Скопје укажува на алармантната состојба со рекреативниот риболов во земјава, поддржано од над 1.260 потписници на онлајн петиција. Главна причина за незадоволството се енормно високите цени на дозволите, кои го рангираат македонскиот риболов како најскап на Балканот.

Според податоците на риболовната заедница, македонскиот риболовец плаќа драстично повеќе од колегите во соседството: 9.000 денари во Македонија, додека во Србија е 4.600, во Хрватска од 3.700 до 6.000, во Албанија 1.800, а во Бугарија само 1.500 денари.

– Риболовот станува луксуз, а не спорт. Додека во соседните земји се поттикнува како здрава навика и како екотуризам, во Македонија станува недостапен за обичниот граѓанин – соопштија од „Рибарски приказни“.

Преку петицијата, упатена до Собранието и до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, риболовците бараат: намалување на цените на дозволите, нивно усогласување со економскиот стандард и со регионот, важност на дозволите од 365 дена, како и посебни повластици за младите и за пензионерите.

Дополнително, тие инсистираат на поголема транспарентност за тоа каде завршуваат нивните средства, особено со оглед на тоа што многу води се узурпирани и недостига соодветна чуварска служба.

– Со која логика македонскиот риболовец плаќа 600 % поскапа дозвола од бугарскиот? Природата и спортот не смеат да бидат луксуз резервиран само за оние со длабок џеб – велат од иницијативниот одбор за петицијата.

Риболовците предупредуваат дека високите цени го зголемуваат нелегалниот риболов и го загрозуваат екотуристичкиот потенцијал на земјава. Тие најавуваат дека нема да застанат со петицијата и бараат итна средба со надлежните институции. Ако не бидат прифатени барањата, иницијативата ќе се прошири со поддршка од сите риболовни здруженија и со помасовни протести.

 

 

ИЗДВОЕНИ