Друштвото „Дошница експорт – импорт“ од село Чифлик, Демир Капија, упати покана до медиумите да присуствуваат на настан закажан за в вторни во 09:00 часот, каде што, како што наведуваат, ќе се сведочи за, според нив, противправно уривање на оградата на нивниот рибник. Од компанијата информираат дека рибникот постои од 1958 година и претставува целосно домашна приватна инвестиција која вработува 29 лица. Тие посочуваат дека бизнисот има значајна улога во локалната економија и обезбедува егзистенција за повеќе семејства во општина Демир Капија.
– Како, приватна компанија и целосно домашна инвестиција, се соочуваме со невиден притисок од страна на државата, која се става во улога на заштитник и исполнувач на приватни лични интереси на поединци. Соочени сме секојдневно со манифестирање на сила и моќ од страна на државата преку употреба на сите расположливи средства на системот со цел уништување на имотот на нашата компанија, со што се оневозможува непречено работење на производството на риба и рибни производи. Како компанија секогаш се посветено работиме на начин на кој целосно ги почитуваме законските одредби и ги исполнуваме нашите обврски кои ги имаме кон системот и државата во целост – велат од компанијата.
Тие наведуваат дека институциите, според нив, дејствуваат во корист на приватни интереси на поединци, што, како што велат, резултира со оштетување на нивниот имот и попречување на производството. Посочуваат дека досегашните правни механизми не им обезбедиле доволна сигурност за заштита на нивните права.











