Неспортскиот потег на екипата на АЕК, е главна ракометна тема не само во Македонија, туку и во ракометна Европа. Неизлегувањето на терен на ракометарките на грчкиот тим предизвика бурни реакции кај ракометната јавност, а по тој повод се јави и Ракометната федерација на Македонија, која испрати поддршка до македонскиот финалист Алкалоид.
Натпреварот не се одигра откако тимот на РК АЕК одби да излезе на теренот. Според информации со кои располага федерацијата, причината за оваа одлука на гостинскиот тим е поврзана со бројот на навивачи од Грција кои допатуваа во Скопје, и покрај тоа што за гостинскиот тим беа одобрени 200 влезници, значителен број навивачи бараа пристап на трибините без обезбедени билети.
По повеќе од 30 минути неизвесност и чекање, организаторите беа принудени да го одложат натпреварот, поради отсуството на едниот тим на теренот. Со ова, спортскиот дух и фер-плеј беа сериозно нарушени, а публиката и македонскиот ракомет беа лишени од едно финале на кое долго се чекаше.
Ракометната Федерација на Македонија остро го осудува ваквото однесување, кое е спротивно на правилата и регулативите на Европската ракометна федерација (ЕХФ). Сметаме дека неизлегувањето на терен од страна на РК АЕК претставува директно прекршување на спортскиот кодекс и обврските кои произлегуваат од учеството во натпреварувањето организирано под капата на ЕХФ, се вели меѓу другото во соопштението на РФМ