Ракометната федерација на Македонија викендов ќе го стартува организирањето на „ракометен карван“, кој во текот на сезоната треба да мине низ повеќе градови на државата. Првата дестинација е Охрид, а потоа во октомври е договорено карванот да „мине“ и низ Битола.
- Нашата цел е да поминеме низ сите поголеми градови низ Македонија и да видиме какви се условите таму. Нашата целна група се децата од 8 до 12 години, кои сакаме да ги запознаеме и да ги донесеме во сала, потоа да се отворат школи за ракомет, кои во наредните години ќе произведуваат добри ракометари, истакна на прес-конференција генералниот секретар на РФМ, Влатко Тасевски.
Како што најавија од Федерацијата, примарна цел на овој карван е селектирање на младите и перспективни ракометари до 15 години, односно до 13 години.
- Факт е дека од генерација во генерација се намалува интересот за спортот, па затоа наша цел е најмладите да не седат дома пред телефонот, туку да започнат со спортски активности. Најголемата иднина ни се дечињата, додаде Тасевски.
Инаку, од Федерацијата го најавија и женскиот сениорски турнир „Трофејот на Македонија“, кој по повеќе од една деценија повторно ќе се одржи во градот Охрид.
- Иако периодот беше краток и немавме многу време за подготовка, сепак успеавме да се организираме за турнирот. Ќе ни гостуваат реномирани селекции од кои дел од нив се веќе и квалификувани на светските првенства. Станува збор за репрезентациите на Египет, Тунис и Грција. Сметаме дека ова е одличен настан кој многу ќе придонесе во она што сакаме да го изградиме во женскиот ракомет. Натпреварите ќе претставуваат добра контрола за женската селекција која веќе во октомври ги започнува квалификации за Европското првенство 2026, истакна, меѓу другото, претседателот на РФМ, Александар Стефанов.
Исто така е најавено дека нашата сениорска селекција во машка конкуренција ќе одигра два натпревара со репрезентацијата на Јапонија на 30 октомври и 1 ноември во Скопје.