Египќанецот Хасан Мустафа и во наредните четири години ќе биде на чело на Светската ракометна федерација (ИХФ). Тој повтороно ја доби довербата и го продолжи своето долгогодишно владеење со светскиот ракомет.
Мустафа е на чело на ИХФ уште од 2000 година, а со оваа победа обезбеди мандат до 2029 година, На Конгресот кој се одржа во Каиро, актуелниот претседател ја „декласираше“ конкуренцијата, освојувајќи 73 проценти од гласовите.
Овој резултат е уште поимпресивен ако се знае дека Мустафа освои околу пет пати повеќе гласови од тројцата противкандидати заедно, што јасно ја отсликува неговата силна поддршка и влијание меѓу националните федерации.
Во изминатите децении, под водство на Мустафа, ИХФ направи значителна експанзија, како во натпреварувачки, така и во организациски и комерцијален аспект, со зголемен број турнири, поголема глобална видливост и ширење на ракометот на нови пазари.
На Конгресот, во името на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) присутни беа првиот човек на мак-ракометот Александар Стефанов и генералниот секретар Влатко Тасевски. Ракометната федерација на Македонија упати искрени честитки и посакува успешна соработка и уште поголем развој на македонскиот и светскиот ракомет.

На Конгресот беа доделени и голем број признанија за успешни организации во минатите четири години. Ракометната федерација на Македонија доби признание за организацијата на Светското првенство за младинки во 2024 година.
Наградата од страна на претедателот на ИХФ, Хасан Мустафа, му беше доделена на претседателот на македонската куќа на ракометот, Александар Стефанов.
Ракометната федерација на Македонија поднесе апликации за домаќинство на Мундијалите во сите младински категории за периодот меѓу 2026 и 2029 година.












