сабота, јануари 31, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА РЕЗОЛУЦИЈАТА ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕ, ВМРО-ДПМНЕ СО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ДО СДСМ: Кривична одговорност за секое...

РЕЗОЛУЦИЈАТА ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕ, ВМРО-ДПМНЕ СО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ДО СДСМ: Кривична одговорност за секое следно ширење паника, лажни вести и манипулации!

225

Предупредување до опозициската партија СДСМ и до нејзиниот лидер, Венко Филипче, дека може и кривично да одговараат поради ширењето лажни вести околу доаѓањето мигранти во Македонија денеска упати владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Нејзиниот пратеник, Бојан Стојановски, на прес-конференција рече дека резолуцијата со која се гарантира дека во Македонија нема да се примаат мигранти, става точка на сите шпекулации и дезинформации што ги шири СДСМ. Тој потенцира дека со документот јасно се отфрлаат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната Влада предводена од Зоран Заев, поврзани со камповите за мигранти.

– Со оваа резолуција се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија што СДСМ се обиде да ги наметне во јавниот дискурс, а се поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови. За секое следно ширење паника, лажни вести и манипулација на народот, кривично ќе се одговара. ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто посветена на заштитата на државните интереси и ги гарантира безбедноста и сигурноста на сите граѓани – рече пратеникот Стојановски.

Но, иако СДСМ со денови ја повикува ВМРО-ДПМНЕ да ја прифати неговата резолуција за примање мигранти во Македонија, и вчера ја немаше доставено до Собранието. Па, сепак, најголемата опозициска партија вчера пак го прозва премиерот Христијан Мицкоски околу мигрантите.

Инаку, на денешното собраниско заседание е предвидено и гласањето за резолуцијата предложена од владината коалиција, а со која се осудуваат манипулациите на опозицијата и се потврдуваат политиките против нелегалната миграција. Но, до 16 часот, оваа точка не беше дојдена на дневен ред на пратениците, кои им посветија најголем дел од работата на пратеничките прашања. Во текот на седницата, пратениците од опозицискиот СДСМ ја напуштија седницата, па работата продолжи без нив.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, на прес-конференцијата го осуди ваквото однесување на СДСМ.

– Лицемерството на СДС излезе на виделина, ја напушти собраниската седница кога требаше да се разговара за резолуцијата за наводни мигранти. Откако им беше полна устата со наводни мигранти, кој, ене, ги чекале на граница, само што не дошле и што уште нè излажаа, денес, кога требаше да се дискутира во Собранието на таа непостојна тема што ја отворија, тие го напуштија Собранието. Не само што избегаа од темата како маче од куче туку и фамозната резолуција што ја предлагаа во јавноста и устата пена им фати од зборување дека била најдобра, ја немаат ниту поднесено во Собранието – нагласи Стојановски. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ