Режисерот Педро Алмодовар ја повика шпанската влада да ги прекине врските со Израел

46
Фото:википедија

Шпанскиот режисер Педро Алмодовар денес ја повика шпанската влада да ги прекине сите дипломатски и трговски односи со Израел поради „геноцидот во Појасот Газа“ и го повика социјалистичкиот премиер Педро Санчез да „ги убеди своите европски сојузници да го сторат истото“, пренсе „Бета“.

„Јас сум Педро Алмодовар, режисер, и ја повикувам нашата влада да ги прекине дипломатските, трговските и сите други односи со Државата Израел како знак на одвратност од геноцидот што го врши врз народот на Појасот Газа пред очите на целиот свет“, рече шпанскиот режисер во видео објавено на Инстаграм профилот на неговата продуцентска куќа „Ел Десео“.

Облечен во сина поло маица, 70-годишниот Алмодовар го повика премиерот Педро Санчез „да се обиде да ги убеди сите европски сојузници да го сторат истото и да се обединат во ова отфрлање“.

Режисерот на „Сè за мојата мајка“ и „Жени на работ на нервен слом“ веќе проговори за конфликтот.

Тој потпиша писмо во кое го осудува „молчењето за геноцидот“ во Појасот Газа, заедно со други шпански уметници како што е актерот Хавиер Бардем, кое беше објавено во мај на маргините на Канскиот филмски фестивал.

Шпанската влада е еден од најкритичните европски гласови на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и нападот врз Појасот Газа.

Во јуни, самиот Санчез ја опиша војната на Израел во Појасот Газа како „геноцид“, термин што малку меѓународни лидери го користеле претходно.

Шефот на шпанската влада, која официјално ја призна Државата Палестина во мај 2024 година, заедно со Ирска и Норвешка, ја направи непоколебливата поддршка за палестинската кауза еден од главните столбови на неговата надворешна политика во текот на изминатите 18 месеци, без да ги прекине врските со Израел.

Војната во Појасот Газа започна на 7 октомври 2023 година, со напад на палестинското движење Хамас на израелска територија. Тој ден беа убиени 1.219 луѓе, а според палестинските податоци, од почетокот на војната во Појасот Газа се убиени 62.819 луѓе.

ИЗДВОЕНИ