Кога една мистериозна жена се враќа во својот роден град за погребот на татко ѝ, ненадеен бран на морничави смртни случаи ја погодува локалната елита, принудувајќи го инспекторот Арбен да открие една застрашувачка тајна закопана пред петнаесет години на Голиот рид…
Македонскиот режисер Игор Алексов, автор на наградуваниот филм „Лена и Владимир“ снима ново долгометражно остварување насловено „Голиот рид“. Деновиве беше отворена аудиција за главна женска улога.
Како што посочуваат од Сити Стар Продукција се работи за ново поглавје кое ги отвора вратите за млади талентирани актери да се вклучат во проект кој има јака уметничка и фестивалска димензија.
“Со својата уметничка визија и досегашен успех, Алексов се впушта во создавање на нов, мистериозен трилер“, посочуваат од продуцентската куќа од каде додаваат дека снимањето на филмот е планирано да започне во декември, поточно кон крајот на наредниот месец.
Од самиот режисер Алексов кој не открива повеќе детали за филмот, добивме и кратка информација за дел од приказната на ова негово ново остварување.
“Кога една мистериозна жена се враќа во својот роден град за погребот на татко ѝ, ненадеен бран на морничави смртни случаи ја погодува локалната елита, принудувајќи го инспекторот Арбен да открие една застрашувачка тајна закопана пред петнаесет години на Голиот рид…“, ни кажа Алексов.
„Голиот рид“ e финансиски поддржан од македонската Агенција за филм. Сценариото, пак, е на Гоце Цветановски.

Инаку, Игор Алексов е автор и на наградуваниот филм „Лена и Владимир“ кој во октомври освои дури четири награди од жирито на Red Brick Road Film Festival во Оклахома, САД. Филмот е прогласен за најдобар, а е награден и за најдобра кинематографија (Душан Кардалевски), најдобар спореден актер (Петар Мирчевски) и најдобар актер (Тони Наумовски). Ова беше уште еден голем успех за првиот долгометражен филм на Алексов, кој веќе имаше забележано повеќе од 15 награди на фестивали низ САД.
Дејствието на овој филм е следно: „Судбината спојува двајца бегалци, Владимир, 40-годишен маж кој ја изгубил сета своја љубов, и Лена, 16-годишна девојка која никогаш немала љубов. Тие си помагаат еден на друг да ја откријат љубовта кон животот…
Сценариото за филмот е на Александар Русјаков, а играат: Тони Наумовски, Сара Климоска, Дениз Абдула, Петар Мирчевски, Благоја Чоревски и Петре Арсовски. (Д.Т.)












