Режисерот Џејмс Камерон рече дека начинот на кој Нов Зеланд се справи со пандемијата на Ковид-19 е главната причина зошто решил да се пресели таму од Соединетите Држави, објавува Vijesti.me.
Во разговор за британското списание Stuff, Камерон, кој го снимаше поголемиот дел од најновиот филм „Аватар“ на јужната хемисфера, го опиша своето време во САД под Доналд Трамп како „гледање сообраќајна несреќа одново и одново“ и рече дека неговото новозеландско државјанство е „на хоризонтот“, објавува „Гардијан“.
Режисерот дополнително ги објасни своите причини во ново интервју за In Depth with Graham Bensinger, велејќи дека се преселил „поради сопственото ментално здравје“.
Тој и неговата сопруга купија фарма во Нов Зеланд во 2011 година, а по пандемијата решија да ја направат трајна.
„Нов Зеланд целосно го елиминираше вирусот. Всушност, го елиминираа двапати. Третиот пат, кога се појави во мутирана форма, вирусот успеа да се пробие. Но, за среќа, тие веќе имаа стапка на вакцинација од 98 проценти“, рече Камерон.
Тој додаде дека затоа го сака Нов Зеланд.
„Луѓето таму се генерално разумни – за разлика од Соединетите Американски Држави, каде што стапката на вакцинација беше 62 проценти, а сега всушност се намалува, оди во погрешна насока. Каде би сакале да живеете? Земја што верува во науката, што е разумна и каде што луѓето можат да работат заедно кон заедничка цел, или земја каде што сите се едни против други, екстремно поларизирани, ѝ го вртат грбот на науката и би биле во целосен хаос ако се случи друга пандемија?“ рече тој.
Камерон се придружува на растечкиот број познати личности од филмската индустрија кои ги напуштаат САД, наведувајќи го вториот мандат на Доналд Трамп во Белата куќа како клучна причина.
Џорџ Клуни неодамна доби француско државјанство, додека Џим Џармуш објави дека и тој аплицирал за него, Елен Деџенерес се пресели во Обединетото Кралство, додека Роузи О’Донел отиде во Ирска.












