Која била несудената сопруга на големиот македонски народен херој? За херојството на македонскиот народен револуционер Гоце Делчев сите знаеме сè. Но само малкумина, да се обложиме, знаат за неговиот љубовен живот. Во пишаните извори што ѝ се достапни за јавноста пишува дека згодната охриѓанка Јанка Каневчева, учителка и револуционерка, активна во женските кружоци на Организацијата, била голема и вистинска љубов на Гоце. Но, судбината не им била наклонета, да стигнат да се венчаат, да имаат семејство и деца. Во меѓувреме, Делчев херојски загинал во селото Баница, давајќи го својот живот за слободна татковина Македонија.
Песната „Јанка Гоцева“, во која се раскажува за таа возвишена љубов, мошне моќно и впечатливо ја пее Мелани Тарчуловска, ќерката на пејачката Соња Тарчуловска. Текстот и музиката се дело на ТВ-новинарот Мишко Талевски, а аранжманот на браќата Тавитијан. Снимено е и ефектно видео, на прекрасниот предел над езерото Козјак. Во видеоприказната, Мелани мошне добро ја игра улогата на Гоцевата љубов. Видеоспотот е направен од „Томато продукција“, зад чија реализација стои Бане Поповиќ.
Едноставно кажано, Мелани Тарчуловска ја освои публиката на „прва топка“. Бидејќи тоа не е само етнобалада туку и враќање кон македонските корени. Омаж на една искрена љубовна приказна што се пренесува од колено на колено. Секој отпеан стих во „Јанка Гоцева“ е, всушност, талкање на нежната македонска душа, која низ вековите копнеела за своја слободна, независна татковина. (Д. М.)