Револуција во офталмологијата: Луѓето кои го изгубиле видот повторно ќе можат да гледаат благодарение на нова технологија

422
Foto: Pexels

Мал електронски имплант, кој се вградува во окото, им овозможува на луѓето кои го изгубиле видот повторно да можат да читаат, објавија денес британските медиуми.

Уредот со димензии 2 на 2 милиметри се имплантира под мрежницата на пациентот и му овозможува да гледа букви, броеви и зборови со окото кое претходно било слепо, објавува „Скај њуз“.

Експертите велат дека новата технологија е пресвртница во вештачкиот вид и се надеваат дека имплантот ќе биде достапен преку Британската национална здравствена служба (NHS).

Благодарение на таканаречениот „протетички вид“, некои пациенти сега можат дури и да решаваат крстозборки и да ги читаат ситните букви на рецептите.

Махи Мукит, консултант во очната болница „Мурфилдс“ и Институтот за офталмологија на Универзитетскиот колеџ во Лондон, изјави дека уредот, наречен „Прима“, им го променил животот на пациентите.

Резултатите од испитувањето покажаа дека 84 проценти од пациентите што го користат уредот сега можат да читаат букви, броеви и зборови.

Глобалното испитување на имплантот беше спроведено на 38 пациенти во пет земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Франција, Италија и Холандија.

Сите пациенти имале состојба позната како географска атрофија (ГА), напредна фаза на макуларна дегенерација поврзана со возраста (МДД), која предизвикува постепено губење на фоторецепторите и клетките на мрежницата, што резултира со губење на видот.

Состојбата влијае на околу пет милиони луѓе ширум светот и може да доведе до целосно губење на видот.

Мукит вели дека уредот Прима им овозможува на пациентите кои се чувствувале депресивно и изолирано повторно да почнат да функционираат и да продолжат со активностите во кои некогаш уживале.

„Во историјата на вештачкиот вид, оваа технологија претставува нова ера“, заклучи тој.

ИЗДВОЕНИ