Министерството за правда на САД ги објави резултатите од внатрешната ревизија за смртта на милијардерот Џефри Епстајн спроведена од високи функционери назначени од американскиот претседател Доналд Трамп. Според заклучоците од истрагата, не постои таен список на клиенти, а Епстајн извршил самоубиство во 2019 година, како што првично утврдил њујоршкиот патолог. Објавена е и снимка од последните 10 часа на Епстајн во ќелијата.
Според нив, најновиот меморандум на Министерството за правда дополнително ја потврдува оваа верзија на настаните. Во документот се наведува дека властите прегледале 10 часа видеоснимки од затворската ќелија на Епштајн и тој материјал, велат американските власти, недвосмислено докажува дека тој не бил убиен, туку се обесил додека чекал судење по обвинение за сексуална трговија со малолетници.
– И покрај многуте теории и шпекулации, истрагата не пронајде докази дека Епстајн имал список на влијателни лица што ги уценувал или со кои соработувал во злоупотребата на жени, се наведува во меморандумот.
Во меморандумот, исто така, се наведува дека не се очекуваат нови обвиненија бидејќи истрагата не откри доволно докази за да се оправдаат постапките против трети лица.
До неодамна блискиот соработник на Трамп, а сега негов жесток противник, милијардерот Илон Маск, овие наоди ги искористи да го нападне американскиот претседател. „Време е да се фрли вистинската бомба: Доналд Трамп е во документите на Епстајн. Затоа не ги објавија. Имајте убав ден, ДЈТ“, напиша тој на својата мрежа „Икс“. Подоцна ја избриша оваа објава, но го отвори прашањето зошто не се објавуваат сите документи за Епстајн. Трамп, пак, претходно во интервју ги отфрли тврдењата дека имал врска со Епстајн
– Тоа се стари приказни. За нив се зборува со години. Дури и адвокатот на Епстајн рече дека немам никаква врска со тоа, рече Трамп, додавајќи дека не бил пријател со Епстајн најмалку 18 години пред неговата смрт.