Општината ги нема донесено урбанистичките планови за 20 населени места, нема преземено мерки за отстранување на бесправно изградените објекти, особено во заштитените подрачја, поставувањето урбана опрема е без дозволи и платени комунални такси, а субвенционирањето на јавните претпријатија е без програма и претходно обезбедена согласност од Советот

Низа неправилности во работењето на Општина Охрид покажа ревизорскиот извештај за 2024 година, поради што е дадено  неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за оваа година и за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики за сметката на основниот буџет.

Според ДЗР, Општина Охрид нема искажано побарувања по основ на надоместок за одржување на јавната чистота, а јавното претпријатие за комунална хигиена со години не ги уплатувало средствата во општинскиот буџет. Јавното претпријатие, пак, кое стопанисува со паркинзите на подрачјето на Општина Охрид, пак, со години ја нема уплатено комуналната такса?!

Од страна на ДЗР, во извештајот што беше објавен вчера, се посочува и дека без одлука од Советот на Општината е извршен отпис на побарувања од буџетски корисници, претплатни салда за кои нема соодветна поткрепувачка документација, а се однесуваат на повеќе физички и правни лица…

За 11 населени места/села, Советот на Општината нема донесено урбанистички планови за село и урбанистички план надвор од населено место, а за девет населени места се донесени решенија за одобрување на планската програма за изработка на урбанистички план, но тие сè уште не се донесени. Во дел од населените места ревизијата утврдила изведени градби и градежни активности на објекти за индивидуално домување и хотелски комплекс за кои не е платен надоместок за уредување градежно земјиште и не се издадени одобренија за градење. Во постапките за утврдување на правниот статус на бесправно изградени објекти не се почитуваат законски пропишаните рокови и не се следи наплатата на надоместокот за уредување на правниот статус на бесправно изградени објекти, кој е на одложено плаќање (12 еднакви месечни рати), така што се издадени решенија со само една извршена уплата… За бесправните објекти што не ги исполнуваат условите за издавање урбанистичка согласност, донесени се решенија за одбивање, но не се преземени мерки да бидат отстранети тие, иако овластените градежни инспектори за периодот од 2019 до 2024 година издале правосилни управни акти за нелегални градби. Со ова, не е почитувана обврската предвидена со Планот за заштита на културно наследство, за детален инвентар на сите бесправно изградени објекти, процена на нивното влијание врз исклучителната универзална вредност на Општината и отстранување на сите бесправно изградени објекти, особено во Националниот парк „Галичица“, за кои, врз основа на претходно спроведените оцени, ќе се утврди дека претставуваат закана за доброто, вклучително и за интегритетот и автентичноста на градот. Не е донесен ниту урбанистички план за крајбрежјето (појас со ширина од 50 м, сметано од границата на КП 1/1 „Охридско Езеро“), а за годишната програма за поставување урбана опрема за 2024 година не е обезбедено позитивно мислење/согласност од Управата за заштита на културното наследство. Ова се само мал дел од утврдените неправилности од страна на ДЗР.

Ништо подобра не е состојбата и во угостителската дејност. Во 2024 г., дваесетина угостителски објекти користеле јавна површина без одобрение за поставување урбана опрема и уплатена комунална такса за користење на просторот. Одобренија, пак, издадени за три месеци, се користат 12?!

За угостителска дејност надвор од објектот, пак, не биле издадени одобренија од страна на градоначалникот на Општината, согласно со Законот за угостителска дејност. Не се остварувани ниту приходи по основ на комуналната такса за користење површини во камповите, а биле регистрирани шест кампа.

Но, неправилностите не застануваат тука. За капиталните вложувања во водоводната, канализациската и во атмосферската мрежа, како и доградбата на општинската зграда, не е запишано правото на сопственост, иако објектите подолго време се користат.

И во областа на културата, реализацијата на програмските активности е без објавен јавен повик или објава на веб-страницата на Општината и без претходно утврдени јасни критериуми и услови за распределба и користење на средствата. Од друга страна, на спортските клубови и спортски здруженија што не аплицирале на јавен повик им биле доделени средства, а од страна на Општината биле исплатени субвенции за јавните претпријатија без претходно обезбедена согласност од Советот и донесена програма за субвенционирање?!

За надминување на утврдените состојби, од страна на ДЗР се дадени препораки со цел преземање мерки и активности од надлежните институции и одговорни лица.

Инаку, извештајот за состојбата во Охридскиот Регион најдоцна до 1 февруари треба да биде доставен до УНЕСКО. Тогаш светската организација ќе види колку и што сработиле македонските институции во изминатиот период за заштита на езерото и на регионот. Одлуката да ѝ се даде уште една година шанса на нашата држава да ги спроведе препораките на мониторинг-мисијата за задржување на статусот на заштитено природно и културно наследство беше донесена лани, на одржаната сесија на Комитетот за светско наследство во Париз.

Заклучокот пак, на мониторинг-мисијата претходно беше дека кумулативните и тековните влијанија, вклучувајќи ги тука и урбаниот развој, недостатоците во просторното планирање, несоодветните интервенции, еутрофикацијата на езерото, големите инфраструктурни и други проекти предизвикале сериозно нарушување на клучните атрибути на заштитеното подрачје. Доколку не се надминат овие препораки, Охрид би можел да се најде на листата на културно наследство во опасност, па дури и да го загуби статусот на заштитено светско природно и културно наследство. (Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ