Во Кинотеката на Македонија, во првата половина од септември ќе се одржи филмска ревија во чест на јубилејот – 75 години од основањето на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ).

Програмата започнува на 3 септември, со филмот „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, а публиката ќе има можност да проследи повеќе избрани македонски филмови што оставиле длабока трага во нашата кинематографија.

Притоа, на 4 септември ќе бидат прикажани „Денес треба нешто да се случи“ (1978) во режија на Миле Грозданоски и „Ругање со Христос“ (2018) во режија на Јани Бојаџи; на 5 септември „Северен пол“ (2021) на Марија Апчевска-Петровска и „Соба со пијано“ (2013) на Игор Иванов-Изи; на 6 септември „Прашина“ на  Милчо Манчевски; на 10 септември „Види ја ти неа“ (2017) и „Домаќинство за почетници“ (2023) – двата на Горан Столевски; на 12 септември „Вирово“ (1968) документарец на Мето Петровски и „Сестри“ (2021) на Дина Дума, а на 13 септември – „До балчак“ на Столе Попов.

„Соба со пијано“

– Јубилејната филмска ревија претставува потсетување на 75. години активна работа на Друштвото на филмски работници на Македонија и истовремено – почит кон сите генерации визионери, филмски автори, актери, филмски работници и соработници, кои низ сите овие години ја граделе и сѐ уште ја градат македонската кинематографија. Ревијата отвора простор за средби, дијалози и за нови идеи за иднината на седмата уметност во нашата држава. Во време кога вниманието е фрагментирано, јубилејната ревија нè потсетува дека добриот филм останува моќна сила – да нè трогне, инспирира и обедини – вели Игор Иванов-Изи, претседател на ДФРМ.

Сите проекции се бесплатни, а почнуваат во 20:00 часот.

ИЗДВОЕНИ