По третпат во нашата држава ќе се одржи филмска ревија насловена „Синема мејд ин Итали“ (Cinema Made in Italy), која е посветена на најголемите хитови на современата италијанска кинематографија.

Ревијата е организирана од „Cinecittà“, еден од најважните европски филмски и фотографски архиви, а во соработка со Италијанскиот институт за култура во Белград и со поддршка на Амбасадата на Италија во Скопје.

Во текот на четирите ревијални вечери ќе бидат прикажани филмови излезени во киносалите во текот на оваа година, најнови остварувања на афирмирани или на нови режисерски имиња, селектирани и претставени на најпрестижните филмски фестивали. Проекциите ќе се одржат во киното „Синеплекс“, со почеток во 20:00 часот, а за филмовите што ќе бидат со превод на македонски, влезот ќе биде бесплатен.

Програмата започнува на 10 декември со „Забранетиот град“ во режија на Габриеле Маинети, ќе продолжи на 11 декември со „Три чинии“ во режија на Исабел Коишет, па ќе следува „Грабнувањето на Арабела“ (12 декември) во режија на Каролина Кавали. В сабота, на 13 декември, ќе има проекција на „Една учебна година“ во режија на Лаура Самани.

„Cinecittà“ е чувар на прочуениот Архив Луче (Archivio Luce) – визуелно наследство запишано во листата на УНЕСКО „Сеќавања на светот“ (Memory of the world Register). Управува и со познати филмски студија и ја промовира италијанската кинематографија во светот како член на „Јуропиан филм промоушн“ (EFP).

ИЗДВОЕНИ