Ревидиран мировниот план на Трамп

193
EPA/YURI GRIPAS / POOL

Европејците поднесоа ревидирана верзија на мировниот план на САД за Украина, кој ги отфрла предложените ограничувања на вооружените сили на Киев и територијалните отстапки, објави денес Ројтерс.

Документ подготвен за мировните преговори во Женева, кој го виде Ројтерс, предлага ограничување на војската на Украина на 800.000 војници во мирно време, наместо вкупниот лимит од 600.000 утврден со американскиот план.

Во документот, исто така, се вели дека разговорите за територијални размени треба да започнат на линијата на контакт.

Барање за гаранции слични на Член 5 од НАТО

Украина и нејзините европски сојузници, во контрапредлог на американскиот план за завршување на војната, бараат и безбедносна гаранција од САД во случај на нов руски напад што ја отсликува клаузулата за заемна одбрана во Член 5 од НАТО, според која сите членки на Алијансата се должни да реагираат доколку една од нив биде нападната, објави денес Блумберг, повикувајќи се на извори.

Извори запознаени со украинскиот предлог, кој ќе им биде презентиран на Соединетите Американски Држави денес на состаноците во Женева, изјавија дека предлогот на Украина и нејзините сојузници, исто така, инсистира дека разговорите со Русија за каква било територијална размена можат да се одржат само откако ќе заврши војната по сегашната линија на фронтот.

Контрапредлогот на американскиот мировен план од 28 точки за Украина, исто така, бара замрзнатите руски средства да се користат за реконструкција и компензација на Киев.

Според извори, Украина и нејзините европски сојузници ги отфрлаат барањата на Москва Киев да ѝ отстапи на Русија неокупирана територија во источна Украина, додека многу други клаузули во мировниот план на САД, вклучително и враќањето на сите заложници, се прифатливи за нив.

На претставниците на САД ќе им биде предложено за време на разговорите во Женева секој договор со Русија да биде надгледуван од САД и гарантиран од мировна комисија со која претседава американскиот претседател Доналд Трамп.

Предлогот што Украина и нејзините европски сојузници ќе им го презентираат на САД на разговорите во Женева денес, исто така, предвидува дека САД ќе бидат компензирани за цврстите гаранции што ги даваат за мир во Украина, а руските средства да останат замрзнати доколку Москва не се согласи да плати за штетата што ја предизвикала.

Другите санкции би биле укинати во фази, а Русија постепено би се вратила во глобалната економија доколку се придржува до договорот.

Европскиот одговор доаѓа во време кога советниците за национална безбедност на САД, Украина и Европа се состануваат денес во Женева за да разговараат за мировниот план на САД за Украина.

Европски, украински и американски претставници пристигнаа денес во Женева за да разговараат за американскиот нацрт-мировен план за завршување на војната во Украина, откако Киев и неговите сојузници изразија незадоволство од делови од предложениот план што прават големи отстапки за Русија.

 

ИЗДВОЕНИ