Во Ликовната Галерија на НУ Центар за култура “Марко Цепенков” – Прилеп вечерва во 20 часот ќе биде отворена ретроспективна изложба на слики на реномираниот уметник Боро Арсовски – Бабата.
За изложбата на Арсовски историчарот на уметност Роберт Цветковски ќе запише: При обидот за евалуација на авторскиот придонес кон македонската наива, како едно специфично движење на неакадемските ликовни уметници коешто ги зафати овие простори во текот на доцните 60-ти и раните 70-ти години, неизоставно е името на авторот Боро Арсовски – Бабата. Во таа смисла и одбележувањето на овој значаен јубилеј на Арсовски е настан којшто е значаен за македонската ликовна сцена од повеќе аспекти – авторски, историски, национални и идентитетски. Неговата инвентивност, повеќегодишниот авторски континуитет во земјата и пошироко (Србија, Хрватска и Словенија) како и специфичниот заокружен и јасно дефиниран сликарски израз којшто изобилува со богат визуелен вокабулар, го става во редот на најзначајните претставници на македонската наива.
На изложбата, како што додава Цветковски, посетителите ќе можат да ја видат ликовно-продукциската траекторија на овој врвен автор во периодот од 1970-тата до денес.
Инаку, Боро Арсовски – Бабата е роден 1952 година во с. Страцин, Република Македонија. Основно и Средно образование завршил во Куманово. Со сликарство се занимава од 1969 година како сликар наивец и воедно изработува скулптури во камен и керамика – теракота. Првпат излага во 1971 година со ДЛУК од кога е и член на друштвото со кое настапува на многубројни годишни изложби ширум Југославија. Член е на УСУ-Галерија “Југославија” Белград. Од 1986 година членува во УСУ “Трета димензија” Белград. Учествувал на преку 30 меѓународни ликовни колонии на наивна уметност во : Риека, Загреб, Петриња, Врбовец, Нови Винодолски – Р. Хрватска, Сански Мост, Лукавац – Р. Босна и Херцеговина, Врање, Светозарево – Р. Србија, Требње – Р. Словенија. Има учествувано на преку 200 групни изложби и 5 самостојни. Неговите дела се лицитирани на неколку аукции во Белград и Скопје, за кои имало најголем интерес, најдолго се лицитирани и најскапо продадени. Неговите слики се наоѓаат во многу Галерии, Музеи и приватни колекции ширум светот. За творештвото на Арсовски се снимени 2 документарни филма. Едниот во продукција на Македонска Радио Телевизија, а вториот филм е снимен за меѓународениот филмски фестивал “Златни сунцокрет” во Р. Србија кој е награден со златна плакета. Боро Арсовски – Бабата живее и работи во Куманово, како самостоен сликар – наивец и сопственик е на уметничка Галерија “Art Gallery Arsovski”.












