Во Даут-пашиниот амам, на 21 мај (20:00 ч.) ќе биде отворена ретроспективна изложба на Анета Светиева (1944). Проектот ја следи монографијата за Светиева издадена во 2023 година, со што се заокружува долгогодишното следење и истражување на богатиот творечки опус на еден од најзначајните македонски скулптори.
Сложеното, комплексно, иновативно и креативното творештво на Светиева го поставува нејзиното дело на самиот врв не само на македонската ликовна сцена туку и на една поширока платформа, која ги преминува границите на регионот.
Во сликањето на животот, на човековите траги во времето и во просторот, ја покажа својата голема дарба: од елементарните животни ситуации врзани за обичаите, навиките, сеќавањата… создаде импозантно уметничко дело, чие кажување ве принудува да го слушнете ехото на враќањето кон волшебните светови, кон темелните вредности и пред нас се појавува едно големо, заокружено и целовито дело, комплетен уметнички одраз на времето.