Ретроспективна изложба на академскиот сликар Кирил Ефремов во Даутпашиниот амам

22

„Меѓу реалноста и сонот“ е насловот на ретроспективната изложба на која ќе се презентира творештвото на академскиот сликар Кирил Ефремов, а ќе биде отворена на 25 декември 2025, во 19 часот во Даутпашиниот амам.

Творештвото на Кирил Ефремов во доменот на надреално-фантастичното сликарство има посебно значење во поширокиот контекст на македонската уметност. Низ ретроспективната изложба публиката ќе има можност да го согледа во целина творештвото и развојниот пат на уметникот укажувајќи на неговото место и значење во развојот на македонската современа ликовна уметност.

Автор на текстот на монографското издание е проф. др Владимир Величковски, а куратор на изложбата е Горанчо Ѓорѓиевски.

Кирил Ефремов (1938-2020, Штип) своето присуство во македонската уметност го најави во почетокот на 60-те години на 20 век. Сликарство завршил на Училиштетото за применета уметност (проф. Лазар Личеноски и други), а Академија на ликовни уметности I степен во Белград.

-Ефремов во почетокот на своето творештво и последователно ја потврди својата определеност за предметното творештво во временски периоди кога доминираше енформелот и апстрактната уметност. Неговата ориентираност кон сликарство со надреално-фантастични карактеристики ќе биде поттикнато од сликарите на белградскиот круг, особено припадниците на групата „Медиала“ која се залагаше за концептот на „интегрална слика“, со теоретски претпоставки во контекстот и релацијата на современата уметност во однос на традицијата. Таквиот став ги отсликуваше извесните противречности во модерната уметност, со нагласка на барањето на синтетичната уметност и универзалната личност на уметноста која треба да содржи философски, етички и сознајни премиси. Ефремов на свој начин го изрази немирот на тој временски период внесувајќи иреалност и романтичен дух во своето сликарство. Следи период на интензивно барање на нов „релационизам“ во врска со класичната и модерната уметност, меѓу реалноста и фантазијата. Покрај големите сеопфатни теми на денешницата Ефремов е длабоко поврзан со домашниот амбиент и традиција, со еден специфичен свет на „личната митологија“. Тој вложи напор да ја прошири тематиката на метафоричното, како и на алегориското сликарство, обработувајќи исто така и теми од националната историја. Во духот на отвореноста и љубопитноста кон нови искуства и сознанија Ефремов во 70-те години се свртува кон некои идеи и решенија на Салвадор Дали и поп-артот со разновидни модалитети на фигуративното со елементи на новата фигурација и на фотореализмот. Еротиката и психолошките моменти, изразноста и „грчевитата убавина“ со примери од ренесансното сликарство и модернизмот станаа негови опсесивни теми. Со не помал интерес Ефремов обработува теми и проблематика од современиот свет, фасциниран со секејдневното поставено во неочекувани односи и со универзални значења. Значајна беше неговата општествена и професионална активност (меѓу другото бил председател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија), особено обемната изложба организирана во Уметничката галерија (денес Национална галерија) во 1984 година, се посочува кон изложбата.

Кирил Ефремов, реализирал голем број самостојни и групни изложби во земјава и странство. Остварил студиски престои во Франција, Италија и Швајцарија. Добитник е на наградите: „Осмоноемвриска награда“, Собрание на Општина Штип; „Лазар Личеноски“, ДЛУМ и „Климент Охридски“, НУБ и ДЛУМ.

ИЗДВОЕНИ