Во Чифте амам утре (21. август) во 20 часот, ќе се отвори ретроспективната изложба на професорката Жанета Вангели „Архив II, 1985–2025: Епифанија“. Овој проект на Националната галерија на Македонија финансиски е поддржан од Министерството за култура и туризам. Куратор на проектот е виш кустос Маја Крстевска, а стручен соработник, кустос Горанчо Ѓорѓиевски.

„Жанета Вангели активно твори и учествува на македонската ликовна сцена од средината на 1980-тите па до денес, навестувајќи ги атиципациските текови на уметноста со моќен, интуитивен, директен, продорен, семантички конципиран и длабоко конотиран авторски израз. Внесувајќи нови и радикални промени во визуелниот хоризонт на овие простори, со ова ретроспективно претставување, таа одново го актуализира прашањето за релевантноста на ликовниот говор низ тропите на современата уметничка агора… Како резиме на творештвото од четири декади, проектот Архив II, 1985–2025: Епифанија ги претставува ликовните настојувања во континуитет на креативниот процес, осветлувајќи ја естетската линија во поширокиот ликовно-естетски, културно-антрополошки и општествено-политички контекст. Архивската граѓа на Вангели произлегува од дијалогот меѓу она што значи изјава [statement] и коментар [comment], надворешност [exterior] и внатрешност [interior], рефлексивност [reflectiveness] и самокритичност [self-criticism], останување и опстојување во сопственото (ликовно и творечко) настојување“, вели Натали Рајчиновска-Павлеска.

Изложбата ќе биде поставена до 14 септември 2025.

ИЗДВОЕНИ