Ретроспектива на режисерот Марк Рапапорт во Кинотеката; Остварувања на пионерот на експерименталниот есеистички филм

1

– Рапапорт е еден од најоригиналните автори на независната киносцена, познат по својот уникатен пристап кон документарниот и кон играниот филм, по своите револуционерни видеоесеи, како и по способноста да ги преосмислува историјата на филмот, актерските митологии и културните артефакти на Холивуд и на Европа. Филмовите што ќе бидат прикажани ги истражуваат неговата фасцинација со историјата на филмот, митологијата на холивудските ѕвезди, фикцијата, архивата и односот меѓу перцепцијата и идентитетот – посочуваат од Кинотеката на Македонија

Во Кинотеката на Македонија, од 22 до 27 ноември ќе се одржи ексклузивна ретроспектива посветена на легендарниот американски режисер, сценарист и пионер на експерименталниот есеистички филм, Марк Рапапорт. Ретроспективата, која се реализира во соработка со „Ми филм“, ќе прикаже десетина филма, а секојдневните проекции ќе започнуваат во 20:00 часот.

– Рапапорт е еден од најоригиналните автори на независната киносцена, познат по својот уникатен пристап кон документарниот и кон играниот филм, по своите револуционерни видеоесеи, како и по способноста да ги преосмислува историјата на филмот, актерските митологии и културните артефакти на Холивуд и на Европа. Неговите филмови се прикажувани на најголемите фестивали во светот, а оваа ретроспектива претставува ретка можност македонската публика да види значаен дел од неговиот опус на големото платно. Програмата ги истражува неговата фасцинација со историјата на филмот, митологијата на холивудските ѕвезди, фикцијата, архивата и односот меѓу перцепцијата и идентитетот. Рапапорт сè уште останува уникатен глас во современиот филмски есеј, вешто комбинирајќи ги архивите, интерпретацијата, фикцијата и поп-културата за да создава дела што долгорочно резонираат. Оваа ретроспектива претставува исклучителна можност домашната публика да се запознае со еден од најзначајните независни автори на нашето време – истакнуваат од Кинотеката на Македонија.

Ретроспективата ќе започне на 22 ноември, со документарецот „Јас, Далио“ (I, Dalio) од 2015 година (33′), кој претставува портрет на Марсел Далио, славниот актер од „Правилата на играта“ и „Големата илузија“ и длабока рефлексија на идентитетот, миграцијата и тоа како нè дефинираат другите. Ќе следува играната драма „Сценична Рута“ (The Scenic Route) од 1978 година, експериментална визуелна приказна за љубовен триаголник, раскажана преку оперски, сликарски и мелодрамски мотиви.

„Измамници“

Публиката на 24 ноември ќе може да го гледа филмот „Измамници“ (Impostors), играна комедија/мистерија од 1979 година. Ова е еден од најпознатите филмови на Рапапорт, добитник на „Златен Хуго“ во Чикаго, во кој станува збор за двајца магионичари во потрага по египетски скапоцени камења.

На 25 ноември, пак, ќе биде прикажан видеоесејот „Дебра Пејџет, на пример“ (Debra Paget, for Example) од 2016 година (36′), фасцинантен кинопортрет на актерката Дебра Пејџет и холивудскиот систем на конструирање ѕвезди. Таа вечер е и „Верижни писма“ (Chain Letters), игран филм од 1985 година. Остварувањето е комбинација на романса, случајност и трагедија, во кој се прикажува што се случува кога едно верижно писмо ќе промени животи.

Ќе следуваат (на 26 ноември) документарниот есеј „Последната година во Дахау“ (Last Year in Dachau) од 2020 година (29′), моќен размислувачки филм што го поврзува филмот на Ален Рене „Минатата година во Мариенбад“ со трауматичната историја на конц-логорот Дахау, и документарецот „Домашните филмови на Рок Хадсон (Rock Hudson’s Home Movies) од 1992 година, револуционерен филм што ги преиспитува холивудските митови и јавната слика на Рок Хадсон.

Ретроспективата ќе заврши на 27 ноември. Вечерта ќе започне со филмот „Бракот помеѓу Грета Гарбо и Сергеј Ејзенштајн (The Marriage of Greta Garbo and Sergei Eisenstein) од 2023 година (27′), замислена приказна – еден вид „што ако“ – за љубовта помеѓу две филмски икони што никогаш реално не се сретнале. Следува „Од дневниците на Жан Себерг“ (From the Journals of Jean Seberg) од 1995 година, импресивен автобиографски документарец што ги истражува животот на актерката Жан Себерг, политиката, Холивуд и митологијата на новиот бран. Филмовите се наменети за возрасната категорија над 16 година.

Притоа, како посебен настан во рамките на ретроспективата, во еден од деновите ќе биде организиран видеоповик со Марк Рапапорт, по кој ќе следува сесија на прашања и одговори (Q&A) со публиката. Ова ќе биде шанса домашната публика директно да комуницира со авторот, да поставува прашања и да отвори разговор за процесот, естетиката и за филмските идеи што го обликуваат неговиот опус.

Публиката, исто така, ќе има можност да ја купи и неговата последна арт-книга со колажи, „Book Of Dreams“, лимитирано издание печатено во Македонија, веќе претставено на меѓународни фестивали и во книжарници.

ИЗДВОЕНИ