Ретко интервју со мајката на Трамп – сите го коментираат истото: Тој е „плукнат на мајка му“/ВИДЕО

279
screenshot video x

Снимка од ретко интервју на Мери Ан Меклауд Трамп, мајката на американскиот претседател Доналд Трамп, кружи на социјалните мрежи во последните неколку дена, а видеото предизвика лавина од коментари поради неверојатната физичка сличност помеѓу мајката и синот. Корисниците на интернет на шега, но и со доза на изненадување, ги споредуваат нивните фризури, црти на лицето, па дури и начинот на кој зборуваат, со заклучок дека Доналд Трамп е „плукнат на мајка му“.

Нејзината руса коса, за која многумина велат дека Трамп ја наследил од неа, како и нејзиниот карактеристичен израз на лицето, особено привлекоа внимание.

„Одбивам да верувам дека ова не е маскиран Трамп“, гласи еден од коментарите што се широко споделуваат на мрежите. Многумина истакнуваат дека сличноста не запира на изгледот, туку дека се препознава и во гестовите и начинот на говор.

Сепак, интервјуто кое повторно се најде во фокусот на јавноста открива многу повеќе од физичката сличност. Во него, Мери Ан Трамп зборува за своето животно патување, личните трагедии, но и за доаѓањето во Соединетите Држави – како мигрант.

Мајката на Доналд Трамп е родена во 1912 година во малото шкотско гратче Тонг, недалеку од Сторновеј, на островот Луис, кој тогаш имал само неколку илјади жители. На само 18 години, таа решила да го напушти домот и да отплови за Америка со бродот „RMS Transilvanija“, во потрага по подобар живот. Според достапните податоци, таа имала само 50 долари во џебот кога пристигнала во Њујорк.

Иронично е што денес Доналд Трамп спроведува исклучително остра антиимиграциска политика и често се залага за идејата дека Америка треба да им припаѓа исклучиво на „родените Американци“, додека неговата мајка била млада мигрантка која дошла во САД без богатство, моќ и безбедност.

„Дојдов во Њујорк, го запознав мојот иден сопруг и се омажив“, рекла Мери Ан во интервју за ирската телевизиска станица RTE во 1994 година.

Во Америка работела како асистентка пред да се омажи за Фред Трамп, успешен инвеститор во недвижности, со кого имала пет деца. Четвртото дете бил Доналд Џон Трамп.

Во интервјуто, таа се осврна и на својата најголема лична трагедија – смртта на нејзиниот најстар син Фреди, брат на Доналд, кој почина во 1981 година на 42-годишна возраст, наводно од срцев удар поврзан со алкохолизам.

„Тоа е нешто што мајката никогаш не го заборава“, рече тогаш Мери Ан.

Иако во текот на целиот свој живот стана дел од елитата на Њујорк, Мери Ан Трамп никогаш не го заборави своето потекло. Таа стана американска државјанка во 1942 година, но редовно се враќаше на островот Луис, зборуваше гелски јазик и одржуваше врски со роднините во Шкотска. Почина во 2000 година на 88-годишна возраст.

На интернет се шират и фотографии од предците на Трамп од Германија од страната на неговиот татко.

„Мајката на Трамп, дедото, бабата и сопругите биле имигранти во Соединетите Држави, а тој се однесува како неговото семејство да пристигнало во Америка со бродот „Мејфлауер“, пишува еден од коментаторите на мрежата X.

 

ИЗДВОЕНИ