Ресторанот во Парламентарното собрание на БиХ се уште најевтин во земјата: Државните функционери уживаат во порција бифтек на скара за пет евра

45

Се очекува цените во ресторанот на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина (БиХ) наскоро да „скокнат“, но државните функционери и пратениците сепак ќе можат да ја консумираат најевтината храна во БиХ, пишуваат сараевските медиуми, пренесува „Бета“.

Со новиот ценовник, во кој цените скокнаа за еден или најмногу две во споредба со цените во последните десет години што не се променети во ресторанот, се наведува дека за само десет конвертибилни марки (околу пет евра) можете да јадете како во подобрите ресторани во Сараево, Бања Лука или Мостар, но по три пати пониска цена за истите јадења што ги плаќаат обичните граѓани.

Травничка плескавица чини шест КМ (околу три евра), десертите две марки (околу едно евро), а има и сарми, полнети пиперки, ќофтиња и супи, сите за пет КМ или 2,5 евра по порција.

Државните службеници можат да јадат бифтек приготвен ан скара во тој ресторан за десет КМ (околу пет евра), стек во сос од печурки за 12 КМ (околу шест евра), додека печеното телешко чини 6,5 КМ (околу 3,3 евра).

За љубителите на поегзотични вкусови, додаваат тие, има школки на бузара за пет КМ (околу 2,5 евра), полнети лигњи за осум КМ (околу четири евра), додека ракчиња, орада и дентекс се достапни за десет конвертибилни марки по порција (околу пет евра), што е сепак многу попристапно отколку во кој било рибен ресторан.

Медиумите известуваат дека ресторанот во Парламентарното собрание на БиХ нуди околу 300 јадења.

Новиот ценовник во ресторанот на Парламентарното собрание на БиХ треба да биде одобрен од Советот на министри на БиХ, кој наскоро ќе го разгледа овој предлог.

ИЗДВОЕНИ