– Сведочиме на чин што го премостува минатото со сегашноста, свеченото враќање на „Пчињското изборно евангелие“ во неговиот вистински дом, во Охрид – градот што отсекогаш бил олтар на словото и светлина на духот. Ова не е само културен настан туку и победа на паметењето над заборавот, на тивкото траење над минливоста, на духовното над временото – рече министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска, на свеченоста посветена на враќањето на реставрираното и конзервирано издание на Евангелието на библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид.
„Пчињското изборно евангелие“, напишано во последната четвртина на 16 век, важи за најстар ракопис зачуван во охридската библиотека. Ракописот бил најден од страна на книжевниот историчар и истражувач на стари ракописи, Михајло Георгиевски, во необработениот фонд во библиотеката, во 1999 година. Првата конзервација и реставрација на Евангелието била извршена во Националната универзитетска библиотека, во 2000 година, по што било вратено во Охрид, каде што останало до 2011 година. Поради несоодветните услови за чување и влагата, било забележано сериозно оштетување на книгата и таа повторно била вратена во Скопје, на нова конзервација и реставрација, спроведена во текот на 2014 година. Со финансиска помош од Министерството за култура, во 2023 година била извршена адаптација на простор во охридската библиотека, со соодветно депо за чување ретки изданија (изграден по највисоките стандарди за заштита, контрола на микроклима и сигурно чување на книжното наследство), со што биле создадени услови за враќање на „Пчињското евангелие“ во Охрид.
– „Пчињското изборно евангелие“ денес повторно го пронајде својот здив, овде, меѓу древните охридски ѕидини, местото во кое зборот отсекогаш живеел. Со што повторно се затвора еден долг круг – круг на потрага, заштита и враќање дома. И кога велиме дека „Пчињското евангелие“ е повторно дома, не мислиме само на неговата физичка адреса туку и на духовното враќање – на еден симбол на верата, писменоста и на културниот континуитет на нашиот народ, во градот што отсекогаш бил трезор на духот – истакна Љутков.
Додаде и дека во чест на враќањето, подготвен е и нов каталог, со факти, фотографии и со истражувања што ја осветлуваат не само историјата на Евангелието туку и богатството на реткиот фонд на охридската библиотека, што претставува вистинска ризница со 812 книги од периодот 1872–1945 година, на разни јазици и автори.
Со новиот каталог се опфатени и важни документи што сведочат за темелите на македонската државност сврзани со Илинден и со НОБ, но и првите научни и литературни дела како Букварот со читанка на македонски јазик, дела на Крсте П. Мисирков, Блаже Конески, Славко Јаневски, Лазо Каровски, Јован Бошковски и на охриѓаните Радослав Петковски и Борис Бојаџиски.
– Библиотеката „Григор Прличев“ денес не е само институција – таа е и жив организам на духот. Во своите депоа чува над 100.000 книги, но уште поважно – чува љубов кон знаењето. Веќе осум децении таа е трезор на мислата, чувар на зборот и сведок на генерации охриѓани кои преку дружбата со книгата станувале луѓе во вистинска смисла на зборот – носители на развојот, достоинството и иднината на нашиот град и на нашата држава. Библиотеката е и станува стожер на културниот и на општествениот живот во Охрид. Речиси секоја недела бележи нова промоција, нов автор, нова идеја. Тука се негуваат роднокрајните автори, библиотеката се јавува и како издавач, а во рамките на меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ беше заслужено наградена како библиотека со најмногу издадени книги од домашни автори во 2024 година – додаде министерот.