Реставрацијата на вековна дотраена населба во Каиро се спроведува со демонтирање на куќите и нивна обнова со материјали од старите градби, велат реставраторите.
Населбата Дарб ал-Лабана се наоѓа на падина веднаш под повеќе од осум века старата тврдина на Каиро, истакната знаменитост изградена од муслиманскиот генерал Саладин, и се граничи со задниот дел од историски болнички комплекс.
Тесните улици и сокаци ги следеа истите патеки како на картата нацртана од француските картографи за време на окупацијата на Египет од страна на Наполеон од 1798 до 1801 година.
„Педесет проценти од зградите беа целосно уништени. Останаа само столбови. Уште 20 проценти беа полууништени“, рече Наири Хампикијан, архитектонски инженер кој советуваше за проектот, објави денес „Ројтерс“.
Планот за реставрација има за цел да изгради станови, а воедно да ги зачува оригиналните улични планови и фасади. Темелите се зајакнати и инсталирани се нова канализација, вода и електрична енергија.
Според проектот, 23 целосно уништени згради се обновени, а уште 15 се изградени врз оние што беа само делумно уништени. „Останатите згради не беа соодветни за живеење.
На жителите им беа понудени три опции – да се преселат во нови станови обезбедени на друго место, да прифатат пари за иселување или да прифатат пари за привремено изнајмување место за живеење додека не бидат готови реновираните станови“, рече Хампикијан, пренесе „Танјуг“.
Од 102 семејства што живееја во областа, 52 одлучија да се вратат кога проектот треба да заврши следната година, 20 од нив на истата адреса.











