Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) донесе решенија за финансиска поддршка на домаќинствата со едно или со повеќе деца со попреченост, корисниците на посебен додаток и решенија за стекнување финансиска поддршка на згрижувачките домаќинствата што згрижуваат од едно лице до пет лица во своето семејство.

– Согласно со протоколот потпишан со „ЕВН Хоме“, на месечна основа, најдоцна до петти во месецот, контакт-лицата од МЕРМС доставуваат до контакт-лицата од ЕВН листи со корисниците на кои треба да им се намалат фактурите за потрошена електрична енергија за актуелниот месец, согласно со програмата. Листите ги доставуваат до контакт-лицата во електронска форма, на и-мејл адресата [email protected] – велат од МЕРМС.

Секоја од листите треба да биде во ексел-формат и да содржи: број на донесеното решение од МЕРМС, број на корисникот од базата на „ЕВН Хоум“, број на местото на потрошувачката и износот на директната финансиска поддршка. По доставувањето на листите, а најдоцна во рок од три работни дена, Министерството врши уплата на вкупниот износ на директната финансиска поддршка за тој месец на „ЕВН Хоум“.

„ЕВН Хоум“, на месечно ниво, а најдоцна три дена од датумот на реализацијата, на корисниците од листата им го одобрува дефинираниот износ на директната финансиска поддршка и го евидентира како претплата на бројот на корисникот.

Претплатата ќе биде видлива во евиденцијата на „ЕВН Хоум“ и ќе биде употребена за намалување на износот за плаќање на следната фактура за потрошена електрична енергија. Намалувањето ќе биде прикажано како „износ во претплата“ во фактурата.

Доколку износот во претплатата е поголем од вкупниот износ за плаќање на фактурата, преостанатиот износ во претплатата по основ на директна финансиска поддршка ќе биде употребен за намалување на износот за плаќање на следните фактури, сè до целосно исцрпување. По евидентирање на претплатите на броевите на корисниците, „ЕВН Хоум“ го доставува до контакт-лицата од МЕРМС, на и-мејл адресите, вкупниот извештај на евидентираните претплати за сите категории корисници од овој јавен оглас.

– Со оваа иницијатива, институциите го потврдуваат својот ангажман во насока на создавање социјално одговорно општество и обезбедување поддршка таму каде што е најпотребна. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе продолжи активно да работи на реализација на програмите што го олеснуваат пристапот до енергија за ранливите категории, во партнерство со сите релевантни чинители – потенцираат од МЕРМС.

ИЗДВОЕНИ