По повеќемесечните проблеми со водоснабдувањето во селото Ѕвегор, дефектот на водоводната мрежа е отстранет и домаќинствата повторно се снабдуваат со вода, информира градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски.
– По укажувањата на Општина Делчево, во повеќе наврати, до изведувачот „Бауер БГ“ – Скопје и до Министерството за животна средина и просторно планирање, добивме известување дека е отстранет дефектот, дека е ставена мрежата под напон и дека снабдувањето со вода е нормализирано – изјави Трајковски.
Тој посочи дека Општината испратила барање до Министерството за животна средина и просторно планирање во најкраток рок да изврши технички прием на водоснабдителниот систем од изведувачот, по што системот ќе ѝ биде предаден на Општина Делчево.
Потоа управувањето ќе го преземе ЈКП „Брегалница“, кое ќе има целосна надлежност и одговорност за неговото функционирање.
Трајковски апелира жителите рационално да ја користат водата и домаќинствата што сè уште немаат склучено договор со ЈКП „Брегалница“, да поднесат барање за приклучување кон водоводната мрежа.