„Опкружена со гребени и врвови кои нудат пејзажи што го опфаќаат целиот спектар од четирите годишни времиња – од зелени падини до снежни карпи – Северна Македонија нуди шанса за избирање на патот по кој поретко се оди како дестинација во Јужна Европа. Вака „Си-ен-ен травел“ ја започнува сторијата за природните убавини на Македонија, со што ја става нашата земја на мапата на туристички дестинации што вредат да се посетат.

Северна Македонија е недоволно истражен дел од Балканот чија слоевита историја, од византиската и османлиската до југословенската ера, се комбинира со нејзините сеприсутни планини за да создаде збир на регионални култури со цврста посветеност на традицијата и топло, срдечно гостопримство.

Оваа нација без излез на море е една од најпланинските земји во светот, а драматичниот терен е централен за нејзиниот идентитет.

„Кога влегувам во мојот автомобил, во кој било правец и да сакам да возам, имам планина пред мене и планина зад мене. Мислам дека ова е најдобриот начин да ја опишам мојата земја“ – вели Фросина Пандурска-Драмиќанин за „СиЕнЕн травел“, која живее во главниот град на земјата, Скопје, и работи на рурален развој и зајакнување на заедницата.

Земјата со 2 милиона жители сè уште не ги доживеала толпите туристи што го задушуваат поголемиот дел од Јужна Европа секое лето. Оние што се вклучени во туристичката индустрија се претпазливи во привлекувањето таков вид туризам бидејќи би можел негативно да влијае врз квалитетот на животот на жителите. Но, тие знаат дека земјата има многу што да понуди и дека туристичкиот сектор сè уште има простор за раст.

Во репортажата се опишуваат „беспрекорно зачуваните византиски манастири, некои стари повеќе од 1.000 години, исполнети со украсни дрвени изработки со инкрустирани бисери, позлатени лустери и антички фрески“.

Исто така, се опишуваат убавините на Охридското Езеро, на националните паркови Галичица и Маврово, на Шар Планина, за посебните културни региони и традиции.

Репортерот забележал дека во Македонија просечниот македонски потрошувач јаде производи кои би изгледале вонземски во американски супермаркет — праз долг еден метар, домати со големина на софтбол и црвени пиперки кои можете да ги намирисате од аголот.

Секако, дел од репортажата е посветена и на храната, на ајварот, на скарата, ќебапите, пастрмајлијата, чорбите, ракијата, виното, свежите салати, печеното месо и свежиот леб од фурна.

Други локални деликатеси вклучуваат печиво во облик на чамец со свинско месо и јајца, пастрмајлија, слично на турското пиде, и низа обилни супи познати како чорби.

Посетителите кои сакаат да уживаат во широк спектар на традиционална храна, не треба да бараат подалеку од најблиските кафеани, локални пабови каде што гостите седат рамо до рамо пред големи чинии доволни да нахранат цело село. Кафеаните честопати имаат локални бендови кои шетаат од маса до маса во маријачи-стил, свирејќи омилени песни за гостите што плаќаат, забележува репортерот на СиЕнЕн.

„Во Старата скопска чаршија посетителите кои бараат сè, од свежи производи до барови и антиквитети, ќе го најдат во сплетот од улички на чаршијата, а можеби и ќе се изгубат по патот. Масите во кафетериите во чаршијата и пошироко се преполни од рано наутро до доцна во ноќта.

За патниците кои бараат одмор по долгите ноќи во кафеаните и шетањето меѓу бројните коктел барови во градот, околината веднаш до Скопје е полна со атракции, вклучувајќи ја жичарницата до Крстот на Водно, челичен крст кој се наоѓа на врвот и нуди панорамски погледи на градот и планините во далечината. Посетителите можат и да возат кајак низ зелените води во Кањонот Матка или да ги посетат бројните пештери слични на оние на Марс во кањонот, дом на надреални сталактити и сталагмити, и редовна станица на глобалната рута за нуркање во пештери. Амбициозните планинарски тури што се нудат навигираат по сртовите на планините, носејќи ги туристите до сите три локации.

ИЗДВОЕНИ