Реновирани културните домови во Бујковци, Бучинци, Ајватовци и во Дељадровци

17

Во изминатиот период, Општина Илинден изврши реновирање на домовите на култура во населените места Бујковци, Бучинци, Ајватовци и Дељадровци.

Од Општината велат дека овие културни објекти, кои се од особена важност за жителите на Општината, добиле целосно обновен лик и значително подобрена функционалност.

– Во рамките на реновирањето беше опфатено бојадисување на внатрешните и на надворешните ѕидови, замена на старите и дотраени врати и прозорци, менување на постојната покривна конструкција, како и изведување други занаетчиски работи – информираа од локалната самоуправа.

Оттаму додаваат дека продолжува реновирањето и во другите населени места во рамките на Општината.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, нагласи дека целта е да се унапреди културниот живот на локално ниво преку создавање современи и пријатни простори за уметничко изразување, дружење и активно граѓанско учество.

– Домовите на култура не се само места за културни настани туку и вистински центри за социјална интеракција и креативност, отворени за сите генерации. Се става акцент на создавањето услови за младите, но и за повозрасните жители, кои со овие реновирани објекти добиваат простор каде што може квалитетно да го поминуваат слободното време. Со оваа иницијатива, Општина Илинден прави значаен чекор напред во зајакнувањето на културниот и на општествениот живот, градејќи визија за заедница во која културата, креативноста и соработката се во центарот на вниманието – истакна Георгиевски.

 

ИЗДВОЕНИ